SafeJournalists: Ги осудуваме смртните закани и сексистичките навреди кон новинарката Тања Милевска
Тања Милевска, новинарка и дописник во МИА (Медиумската информативна агенција), доби смртни закани и сексистички навреди на Твитер, а подоцна и на Фејсбук, заради нејзините јавни ставови изразени на социјалните мрежи. Случајот е пријавен во полиција, но досега не се покренати обвиненија.
На 11 јули, Милевска на социјалните мрежи доби десетици вербални закани, говор на омраза и закани од силување, откако таа на Твитер поставила прашање дали премиерот на Унгарија, Виктор Орбан и Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент ја признаваат уставната промена на официјалното име на државата.
По овој твит, тролови како и активни политички фигури изминативе пет дена ги подгреваа заканите, во обид да ја дискредитираат новинарката во пресрет на парламентарните избори кои се одржаа вчера.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро го осуди говорот на омраза и директните закани по животот на Милевска и ги потсети Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство дека овие дела се опфатени со Кривичниот законик и треба да се постапува по нив.
„Безбедноста на новинарите и слободата на говорот одат рака под рака, заедно со демократските обележја на една земја. Ваквиот јавен дискурс во кој најстрого се напаѓаат новинарите, со отворени закани по животот, е недозволив и незамислив за едно демократско општество, особено за време на предизборниот период“, рече претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски и додаде дека Здружението ќе бара од институциите итна реакција и будно следење на сите закани против новинарите.
Мрежата SafeJournalists, претставувајќи повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, му се придружува на својот член ЗНМ во осудата за заканите против Милевска и ја потсетува јавноста дека во текот на месец мај беа забележани три случаи на закани преку Интернет (Мишко Иванов, Анета Додевска и Наташа Стојановска) и сите овие случаи сè уште се нерешени. Сега дополнително загрижува фактот дека ваквите закани доаѓаат во предизборната кампања, а според информациите на ЗНМ за тоа се одговорни политичките партии кои се директни генератори на таквиот наратив што доаѓа од нивните приврзаници, ботови и лажни профили на социјалните мрежи. Ги повикуваме релевантните институции во Северна Македонија да дејствуваат и да ја обезбедат безбедноста на новинарите, особено што практиката покажува дека заканите преку Интернет честопати доведуваат до физички напади.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни организации и институции за овие случаи.
Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 16.07.2020 година
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинари во БХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора