22/11/2024
Македонија

Шахпаска го претстави Граѓанскиот буџет за 2021 година

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска на прес-конференција на Владата го презентираше Предлог-буџетот за 2021 година на Министерството за труд и социјална политика.

Министерката Шахпаска се осврна на приоритетите, проектите и политиките на Министерството за труд и социјална политика за 2021 година, кои ги адресираат потребите и проблемите на најголемиот дел од граѓаните.

Вкупниот буџет на Министерството за труд и социјална политика за наредната 2021 година е проектиран на 53.183.958 илјади денари.

„Како и целиот свет и ние сме соочени со здравствената и економска криза што ја предизвика пандемијата со КОВИД-19 и затоа Буџетот за наредната година е проектиран во насока на надминување на негативните последици.

Зачувување на секое работно место, поддршка и олеснет пристап до Гарантирана минимална помош за најранливите категории граѓани, изградба на објекти за деца во предучилишна возраст и ран детски развој, објекти за социјална заштита, поддршка на активни мерки за вработување, редовна и навремена исплата на пензии, продолжување со процесот на деинституционализација и започнување со децентрализација на социјалните услуги се областите во кои ќе се трошат средствата од буџетот на Министерството за труд и социјална политика“, истакна министерката Шахпаска.

Таа информираше дека, за капитални инвестиции за следната година предвидени се 100 милиони денари, од кои за градежни објекти 93.900 илјади денари, додека за опрема обезбедени се 6.100 илјади денари.

„За изградба на нови и за завршување на веќе започнатите градинки предвидени се 67.650 илјади денари. Останатите средства се за објекти за социјална заштита: домови за стари лица и дневни центри за лица со попреченост. Следната година ќе заврши изградбата на 14 градинки, а во постапка е изготвување на Програмата за отпочнување на изградба на нови објекти за згрижување на деца. Целта е да се овозможи пристап на деца од предучилишна возраст и во руралните средини, во средини каде досега немало градинки, затоа што за нас секое дете е важно,“ рече министерката Шахпаска.

Таа посочи дека за непречено функционирање на детските градинки, како и за згрижување на старите лица во домови за стари лица предвидени се блок дотации во износ од 2.075.000.000 денари.

Износот на овие средства ќе се зголемува како што ќе се отвораат новите објекти.

„За продолжување на процесот на деинституционализација, преку сместување во мали групни домови, живеење со поддршка и згрижувачки семејства, односно создавање на услови најблиску до оние во семејството, како и за лична асистенција и други видови на социјални услуги обезбедуваме 725 милиони денари,“ истакна министерката Шахпаска.

Министерката рече дека, во делот за социјални надоместоци во Буџетот за наредната година предвидени се 10.500 000 000 денари. А со овие средства ќе бидат опфатени околу 300 илјади корисници. Како и дека, тоа значи дека се обезбедени средства за дополнителни 5000 домаќинства приматели на ГМП, со што вкупната бројка на домаќинства опфатени со оваа мерка ќе биде 36.500.

Притоа, зголемен е и опфатот на деца приматели на детски додаток (19.720) и образовен додаток (24.579).

„Соочени со пандемијата предизвикана од КОВИД-19, како одговорна Влада, направивме измени на Законот за социјална заштита и на Законот за заштита на децата, кои обезбедуваат олеснет пристап до овие социјални права. Продолжуваат да течат и останатите социјални права – додаток за попреченост, паричен надомест за помош и нега од друго лице, но и исплата на социјална пензија за 7.593 граѓани”, потенцираше Шахпаска.

Таа укажа на тоа дека, заради намалување на стапката на невработеност и оваа година се обезбедуваат средства за Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, во износ од 538 милиони денари.

„Со новиот Оперативен план се зголемува опфатот на невработените лица, за оние кои ги изгубија своите работни места поради пандемијата со КОВИД-19. Овој износ е скоро четири пати поголем во однос на 2020 година, со што преку Агенцијата за вработување ќе се реализираат Програми и мерки за субвенционирање на придонеси во случаи на невработеност“, рече Шахпаска.

Таа посочи дека дополнително, за субвенционирање на придонеси за зголемување на платите се издвојуваат 2.401.000.000 денари, средства кои ќе бидат распределени до Фондот за ПИОМ, Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, по основ на средства за социјални придонеси. Со овие средства 120 илјади работници од приватниот сектор ќе добиваат повисока плата.

На овој начин, потенцираше министерката дека се влијае на подобрување на животниот стандард на граѓаните, економскиот раст и развој и намалување на невработеноста.

Притоа, продолжува обезбедувањето на сигурни и одржливи пензии на сегашните и на идните пензионери и одржување на стабилност на пензискиот систем. За таа цел во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ќе бидат трансферирани 31.672.000.000 денари.

„Со Буџетот за 2021 година не само што ги санираме последиците од пандемијата со КОВИД-19, туку продолжуваме да ја и намалуваме невработеноста, да се грижиме за најмладите, обезбедуваме редовна исплата на социјалните права, но ја продолжуваме и социјалната реформа,“ потенцираше на крајот од обраќањето министерката Шахпаска.