25/11/2024
Македонија

Шахпаска: Приоритет на оваа Влада и Министерството е новиот Закон за работни односи

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на првиот работен ден од преземањето на оваа функција оствари средба со претставници на синдикатите во државата. 

На средбата се разговараше за досегашните политики и мерки кои се во надлежност на ова Министерство , а се однесуваат на унапредување на правата на работниците, почитување и заштита на истите.

Министерката Шахпаска на средбата посочи дека средби од ваков вид се мошне значајни ,со оглед на тоа дека синдикатите како претставници на работниците ги застапуваат нивните потреби, барања, права и оттука потребата од социјален дијалог е и повеќе од нужна.

„Еден од Законите кои ќе го одбележат периодот на менаџирање со Министерството за труд и социјална политика  ќе биде Законот за работни односи, како системски закон, кој последен пат е донесен 2005 година и иако до денеска има претрпено измени ,покажа бројни слабости за проблемите со кои се соочуваат работниците“, истакна Шахпаска.

Таа посочи  дека во социјалниот дијалог ќе бидат вклучени и работодавачите како партнери. 

„Во време во кое се соочуваме со корона кризата која има сериозен импакт и во економијата , а се соочуваат сите земји во светот без разлика колку моќни економии биле, приоритет на нашата Влада е зачувување на секое работно место, силна поддршка на компаниите како најпогодени од кризата”, истакна Шахпаска.

Двете страни се согласија на целосна соработката во периодот кој следува, низ дијалог, размена на идеи и решенија за предизвиците со кои се соочува оваа област.