Шахпаска: Работата на далечина ќе биде вградена во новиот Закон за работни односи
„Работата на далечина ќе биде вградена во новиот Закон за работни односи. Во периодот на пандемија како општество направивме сериозен исчекор во прилагодување на работниот процес онаму каде што можеше согласно условите кои што беа наметнати од новонастанатата состојба“, потенцираше министерката Јагода Шахпаска на денешната седница на Економско социјалниот совет, во врска со анализите направени од страна на Меѓународната организација на трудот(МОТ).
Анализите кои се во рамки на Проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“ се однесуваа на претприемачката култура, работата на далечина, пристапот на микро, мали и средни претпријатија до финансиски средства и претприемачкиот еко систем во Северна Македонија.
Овие анализи, истакна министерката Шахпаска, ќе бидат од голема корист во развојот и имплементацијата на Економско социјалните политики.
На денешната седница беше презентирана и разгледана Нацрт рамката на индикатори кои ја мерат ефикасноста на Економско социјалните совети на државите од Западен Балкан. Овој документ е подготвен во рамки на регионалниот проект Платформа за вработување и социјални прашања 2.
„Значењето на овие индикатори е големо, бидејќи токму преку нив ќе можеме компаративно да ја согледаме ефикасноста на нашиот Економско социјален совет во однос на истите вакви тела од регионот, а со тоа ја унапредиме и неговата улога во водењето на социјалниот дијалог“, рече министерката Шахпаска.
На иницијатива на Организација на работодавачи на Македонија, на седницата на ЕСС беше презентирано и Националното истражување во рамки на проектот „Меѓугенерациски јаз“ спроведено од нивна страна. Ова истражување има за цел добивање на суштински податоци за управувањето со стареењето и меѓугенерациските предизвици на македонскиот пазар на трудот.
Истражувањето упатува на тоа, дека повозрасните работници поседуваат работно искуство, знаење и посебни вештини, додека пак слабост им е новата технологија. Додека пак на новите генерации прдност им се вештините и познавањето на информатичката технолија, а слобост немањето доволно искуство. Оттука произлегува и суштинското значење во надминувањето на меѓугенерацискиот јаз кој лежи во премостувањето на овие генерациски разлики, преку размена на искуство и знаење.
На седницата на ЕСС, од страна на членовите , беше избран Сали Сали како претставник од Економско социјалниот совет за член во Советот за статистика.
Економско социјалниот совет продолжува во рамки на работни групи и тела преку водење на конструктивен социјален дијалог да влијае во креирање на политики кои се од заеднички интерес на чинители во општеството.