Шахпаска: Со законските измени овозможуваме 8.100 стечајци да бидат материјално обезбедени
Изјава за медиуми,
Јагода Шахпаска, пратеничка од СДСМ и коалицијата
Скопје, 19.10.2018
Почитувани,
Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ продолжува со постапката за целосно решавање на проблемот на стечајците.
На вчерашната седница започна расправата за Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата или популарно наречен Законот за стечајци, со кој се проширува опфатот на лицата кои што ќе можат да добијат надомест од речиси 7.800 денари.
Анализата на досегашната имплементација на Законот за стечајци покажа дека правото на паричен надоместок во висина од 7.800 денари го оствариле 6 498 лица.
Според овие податоци, голем број на невработени лица ги исполнуваат сите услови за стекнување материјален надоместок по овој основ, освен условот – по остварување на правото на паричен надоместок да не биле вработени на неопределено време односно работниот однос да не им престанал по нивна волја или вина. Исполнувањето на овој услов е тешко да се докаже и придонесува за создавање на нерамноправна положба на стечајците.
Во оваа насока, со овие законски измени го отстрануваме овој услов и создаваме можност правото за материјално обезбедување да се оствари без разлика дали работниот однос склучен по користењето на паричниот надоместок бил на определено или на неопределено време и дали престанал по волја и вина на работникот.
На овој начин се создаваат услови дополнителни 1600 стечајни работници да бидат материјално обезбедени со надоместок во висина од речиси 7.800 денари.
Тоа значи дека за околу 8100 стечајни работници ќе се обезбеди материјален надоместок.
https://www.youtube.com/watch?v=ChX1dQ48_F0