25/11/2024
Охрид

„Самрак на боговите“ ја отвора драмската програма на „Охридско лето“

Драмскиот дел на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ започнува вечерва со театарската претстава „Самрак на боговите“ што ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

Претставата е направена според сценариото на Лукино Висконти, Енрико Медиоли и Никол Бадалуко, во режија на Далибор Матаниќ,а во продукција на СНГ Драма од Марибор, Словенија.

Една од главните теми на филмот „Падот на боговите” на Висконти е тесната врска помеѓу капитализмот и фашизмот, кој е вкоренет длабоко во германското тајкунско семејнство Фон Есенбек. По смртта на семејниот патрон, во прашање е неговото наследство и неговото преземање од различни страни, иако наследниците сé уште не сфатиле дека се земени како заложници од помоќна политичка машинерија со нивната алчност и ситни декадентни индулгенции. Серијата на семејни расправии го расцепува наследството на моќната династија, обелоденуваќи ја здодевната патолошка состојба и перверзност, како и бескомпромисните егоистички интереси на членовите. Севкупно, ова ново поставување е голема фреска која сé уште е изненадувачки актуелна.

Преку спротивставеноста на политиката и интимните манипулации, особено во поглед на меѓучовечките односи, претставата „Самрак на боговите” покажува колку детално нацистичката влада манипулираше со своите граѓани години пред официјалното започнување на Втората светска војна. Семејството ќе ги убие сопствените водачи додека не се уништи самото. А само поради единствена причина – бидејќи целото семејство подлегнало на идеи за подобра држава.

Хрватскиот филмски и театарски режисер Далибор Матаниќ 1975 год. дипломирал филмска режија на академијата за Драмски уметности во Загреб. Неговиот филмски првенец „Касиерката сака да оди на море“ ( 2000 год. ) бил успешен хит на фестивалот на хрватскиот филм „Пула 2000“, награден со 3 златни арени а Матаниќ е награден како најдобар режисер -дебитант. Во 2002 г. го режираше популарниот филм „Фини мртви девојки“ кој освои 7 награди на фестивалот во Пула во 2002 година. Исто така, снимил повеќе одлични документарни филмови. Матаниќ при пишувањето на сценаријата соработува со угледни хрватски писатели и драматурзи, член е на Европската филмска академија, и припаѓа меѓу најуспешните и најпродуктивните режисери на средната генерација.