СДСМ: Апсурдно е воопшто да се пишува и да се бараат оставки за стандардна процедура која се врши секоја година
Во врска со соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, реакција испрати ОО на СДСМ Охрид во која стои:
„Најпрво, му ја честитаме функцијата и го поздравуваме новиот претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.
За нас е разбирливо после ваква промена да се покажува иницијативност и потреба за поголема медиумска присутност, меѓутоа е апсурдно воопшто да се пишува, а камо ли да се бараат одговорност и оставки за вака стандардна процедура која се врши секоја година.
Само за потсетување, МЈП „Проаква“ навремено ги информира граѓаните дека ќе претстои прекин во водоснабдувањето со цел извршување на стандардната процедура за измивање на цевководот и резервоарите која се спроведува секоја година без разлика од која партија е градоначалникот. Соопштението го објавија сите локални портали, но бидејќи беше објавено пред внатрепартиските промени во ВМРО-ДПМНЕ Охрид, ќе веруваме дека оваа реакција беше само плод на некоординираност и недоразбирање.“ – стои во реакцијата од ОО на СДСМ Охрид.