СДСМ: Наместо реваншизам, оваа Влада и оваа Локална самоуправа покажаа дека секој кој сака да работи ќе биде ставен во функција
ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Луѓето кои со години, под притисоци и закани за отказ, носеа партиски војници по митинзи, протести и контрапротести, не можат да зборуваат за партизација на секоја клетка во нашето општество. Од ВМРО ДПМНЕ се чини сметаат дека граѓаните ги преспале изминатите десет години, години во кои ја цицаа крвта и достоинството на секој човек, просветар, правник, архитект, уметник. Од ВМРО ДПМНЕ се чини сметаат дека сите овие луѓе и многу други, не гледаа во немоќ додека партиски војници ги добиваа работните позиции за кои тие се учеле и образовале. Граѓаните добро знаат и никогаш нема да заборават како адвокати стануваа министри за здравство, а потоа и образование, за тоа какви луѓе ја водеа културата, внатрешните работи.
Срамота е од општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Охрид да зборуваат за чистки и политичка одмазда кога нивниот довчерашен градоначалник, политички неподобните општински административци, ги испраќаше под казна во Косел, во простории и услови под секакво човечко достоинство. Срамота е и да се игра со колективната меморија на охриѓани и да се навредува интелегенцијата на сопствениот народ.
На крајот на краиштата, ако првите луѓе на ВМРО ДПМНЕ толку се грижат за нивните партиски војници, нека повелат, нека ги посетат во институциите. Бидејќи Владата на Република Македонија, и локалните самоуправи, јасно ја покажаа и цврсто стојат на својата определба дека сите луѓе се исти и заслужуваат можност да заработуваат за живот. Наместо реваншизам, оваа Влада и оваа локална самоуправа покажаа и покажуваат дека секој оној кој сака да работи, ќе биде ставен во функција, пред се и над се, во корист на граѓаните.“ – се вели во соопштението од ОО СДСМ Охрид.