СДСМ: Неспособноста за менаџирање ЈП Водовод се обиде да ја маскира со барање за поскапување на водата за „скромни“ 70%
ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Негрижата кон охриѓани од страна на Локалната самоуправа предводена од ДПМНЕ уште еднаш се покажа на дело. Актуелниот директор на ЈП „Водовод“ Охрид, кој своето време и енергија наместо кон пронаоѓање начин за средување на финансиската состојба на претпријатието и 50 % загубата на вода ги троши само за да обезбеди согласности за нови работни места за уште некој од своите сопартијци, без ниту грам морал и без трошка чувство на отчетност кон народот, неспособноста за менаџирање на претпријатието се обиде да ја маскира со барање за поскапување на цената на водата за пиење и тоа за „скромни“ 70%.
Оттука, прашуваме:
– Дали со барањето за поскапување на водата за пиење, кое свесно му се натоварува на охриѓани, целта е да се прикрие Планот за вработување за 2023 година, во кој директорот предвидел две нови вработувања ?
– Дали оправданоста на барањето на поскапување на водата ја гледаат во можност парите да се трошат за вработување на нови лица ? Моментално во претпријатието има околу 10 нови вработени со Договор на дело, дуплирани работни места и очигледно партиски послушници на ДПМНЕ. Да потсетиме, за да се задоволат партиски апетит, во месец октомври 2022 година Директорот испрати околу 20 постојано вработени лица во претпријатието на 70 %, а прими нови. Истата ситуација се повторува и сега за месец март 2023, каде Директорот со писмена согласност од Општината за итни и недложни работи, планира сега да им го продолжи договорот на тие лица, што значи повторно ситуација на дуплирани работни позиции, а донел или ќе донесе Одлука за повторно да испрати постојано вработени лица на 70 %. А од друга страна, бара поскапување на водата за пиење !
Во предизборната програма на ДПМНЕ за антисоцијални мерки, оваа е уште една во низата на товар на граѓаните на Охрид. Неспособноста, партиската послушност и личните лукративни цели не смеат да бидат причина за уште едно поскапување на услугите на јавните претпријатија на товар на охриѓани.“ – стои во соопштението од СДСМ Охрид.
WebOhrid / 01.03.2023 / ОО на СДСМ Охрид