СДСМ: За оваа грешка најмалку се одговорни МОН и пратеничката Лазаревска
Во врска со прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид за задоцнетите плати во образованието, реакција испрати ОО на СДСМ Охрид во која стои:
„За секоја опозиција во светот, па и за македонската предводена од ВМРО ДПМНЕ секојдневна работа е да и’ дише во врат на власта и да биде нејзин вистински коректор. Но, навистина време е челниците на партијата и на општинско, локално ниво во Охрид да разберат дека граѓаните немаат тотално помрачување за нештата што им се случувале и кои ги паметат па одеднаш во сите области опозициската партија без трунка одговорност и паушални аргументи да сервира невистини и полувистини за состојби во кои и таа има улога или претходно била генератор на проблемите таложени за време на нивното владеење.
Последен таков пример е лавината од негативни реакции прво на социјалните мрежи па на одделни блиски до нив медиуми и на крајот преку прес конференција за проблемот со неисплатената плата на просветните работници во Охрид.
На јавноста треба да и’ се каже вистинската причина а при тоа да не се политизираат работите бидејќи во донесување на одлуката спротивна од Колективниот договор за основното и средното образование годинава на седница учествувале сите советници во Советот на општина Охрид меѓу кои и советниците на ВМРО ДПМНЕ па сега не е коректно прстот за вина да се вперува само во СДСМ.
СДСМ уверува дека за оваа грешка најмалку се одговорни Министерството за образование и наука и пратеничката Жаклина Лазареска која од неодамна е претседател на парламентарната Комисија за образование, наука и спорт.
ОК на ВМРО ДПМНЕ од Охрид премолчува дека и нивните советници гласале ЗА одлуката, што е факт и лесно може да се провери, а не МОН, Лазареска и градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски да се повикуваат на одговорност за тоа.
Во рамките на своите ингеренции СДСМ и надлежните потегнаа проверка на фактичката состојба за што побрзо да се лоцира и реши проблемот.
Грешката е направена а штетата ја трпат сите вработени во основните и средните училишта во општина Охрид.
СДСМ преку пратеничката Лазареска во својство и на претседател на погоре спомената Комисија застанува во одбрана на правата на просветните работници и бара институциите да го пронајдат вистинскиот виновник. Како човек кој произлегува од просветата, таа целосно застанува на страна на револтираните просветни работници и апелира да се пристапи кон отстранување на настанатите грешки за просветните работници што побрзо да ја добијат својата заработена плата.
СДСМ како одговорна партија и пратеничката Лазареска апелираме во иднина да се внимава и при донесување на одлуките да се почитуваат законите и Колективните договори кои се во сила и со кои се регулираат правата и должностите на вработените не само во образованието, туку и во сите други области за ваквите состојби да станат минато.“ – стои во реакцијата од ОО на СДСМ Охрид.