22/11/2024
Македонија

Се одржа консултативна средба за рудникот за бакар и злато Иловица-Штука

На иницијатива на Претседателот на Владата на Република Македонија, синоќа во Струмица се одржа консултативна средба за Проектот за развој на рудникот за бакар и злато Иловица – Штука.

Во четиричасовната дискусија со која претседаваше премиерот Заев, учествуваа владини претставници од ресорните министерства и институции, градоначалници и претставници на засегнатите локални самоуправи, претставници на локалните заедници, граѓански организации и здруженија, технички експерти, претставници на ЕБОР и на компанијата – носител на проектот, „Еуромакс“, како и други засегнати страни.

Во текот на дебатата беа презентирани аргументи и студии од сите страни и се соочуваа ставови со цел меѓусебно разбирање и наоѓање решенија.

Премиерот Заев и претставниците на Владата на РМ со целосна почит и внимание ги ислушаа аргументите на граѓаните и нивните јасно артикулирани ставови, и со исто внимание ги ислушаа презентираните факти на експертите, како и на претставниците на компанијата кои зборуваа за посветеноста и за преземените мерки за заштита на животната среднина и за здравјето на граѓаните.

Беше поздравена одлуката на граѓанските организации да се вклучат во дијалог и да ги вкрстат ставовите односно да ја искажат загриженоста за здравјето и животната средина во која живеат, но и спремноста да сослушаат ставови различни од нивните. Заеднички беше констатирано дека само преку искрен и отворен дијалог може да се стигне до решенија кои се конструктивни и ќе го унапредат регионот.

Во рамки на дискусијата беше поздравена и одлуката на „Еуромакс“ да ги отстрани цијанидот и сулфурната киселина од процесите, во интерес на заштита на животната средина и со цел отстранување на грижите  на локалното население во регионот.

Со внимание беа разгледани и економските параметри кои покажуваат дека оваа инвестиција и работата на рудникот ќе учествува со 3% од БДП во Македонија, и ќе обезбедува даночни приходи во висина од 24 милиони евра годишно, со отворање на 500 директни и 2700 индиректни вработувања за граѓаните од овој регион.

На консултативната средба, премиерот Заев изнесе неколку заклучоци кои беа поздравени од присутните, меѓу кои тоа дека сите засегнати страни имаат заедничка цел, да се отстранат ризиците и стравовите поврзани со животната средина и здравјето на граѓаните.

Следните чекори ќе бидат заеднички, преку континуирана дискусија и дијалог, при што компанијата ќе биде посветена да испорача гаранција за заштита на здравјето на локалното население, а Владата ќе биде тука да врши контрола низ процесите што се во нејзина надлежност.

Меѓу заедничките заклучоци од состанокот е и најавата дека ќе се формира независно мониторинг тело што ќе врши проверка на секој следен чекор низ претстојните фази.

Консултативната средба на претставниците на Владата на Република Македонија, градоначалниците и претставниците на локалните самоуправи, претставници на граѓански организации и здруженија, технички експерти, како и претставници на компанијата носител на Проектот за развој на рудникот за бакар и злато Иловица – Штука,  „Еуромакс“, имаше за цел да ги вкрсти ставовите, да се зголеми довербата меѓу засегнатите страни, до изнаоѓање на најдобро решение прифатливо за сите засегнати страни.