25/11/2024
Македонија

Се отвораат можности за поголемо производство на електрична енергија од обновливи извори

Новата владина мерка за поддршка во користењето на сончевата енергија, овозможена со новиот Закон за енергетика, на прес-конференција, беше претставена од заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши. Целта на оваа мерка е подобрување на условите за инвестирање и јакнење на конкуренцијата во енергетскиот сектор, особено за поттикнување на поголемо производство на електрична енергија од обновливи извори.

Презентација

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека кога станува збор за енергетскиот сектор, Република Северна Македонија не е земја која изобилува со енергенси како што се нафта и гас, додека јагленот е ограничен ресурс, и токму затоа Владата се фокусира на зголемување на производството од обновливи извори, особено користејќи ја сончевата енергија како ресурс со кој земјата изобилува.

„Во моментов, за жал, се изградени фотонапонски електрани со капацитет од 18,4 мегавати, цениме дека е особено важно интензивно да работиме да го зголемиме овој капацитет, но не како што тоа досега се правеше, да некој на некого му дозволува или не му дозволува да гради електрани, туку на максимално транспарентен начин, преку јасно пропишани технички и тендерски процедури за начинот на градба на овој тип на електрани“, потенцираше Анѓушев.

Вицепремиерот дополни дека Владата планира во периодот кој следи на принцип на премиум тарифи да поддржи изградба на фотонапонски електрани со инсталирана моќност од 200 мегавати, чие производство на електрична енергија би било еквивалентно со потрошувачката на околу 150 илјади домаќинства.

„Сите инвеститори на фотонапонски електрани произведената електрична енергија ќе ја продаваат на слободен пазар, а од државата ќе бидат поддржани на принцип на премиум тарифи, кој веќе функционира во многу развиени држави. Премиумот ќе биде еден од критериумите на јавните повици, кои ќе бидат транспарентни, со електронски аукции и на принцип на негативно поддавање. Секој кој ги задоволува техничките критериуми наведени во јавниот повик ќе биде во можност да учествува, со што очекуваме дека ќе отвориме широк фронт на инвестиции во енергетиката. Државата ќе распише јавен повик и ќе ја дефинира почетната цена за премиум, а потоа инвеститорите ќе поддават за висината на цената. Тој што ќе понуди најниска цена, а притоа ги исполнува сите технички услови, ќе добие можност да изгради фотонапонска централа на определена локација“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот објасни дека во првата фаза на јавен повик ќе бидат понудени 62 мегавати на инвеститорите кои ќе можат да се градат и на државно и на приватно земјиште. Кога станува збор за државно земјиште ќе се овозможи изградба на електрани со вкупна моќност од 35 мегавати. Двете локации се во близината на Македонски Брод со вкупна моќност од 10 мегавати (2 централи со по 5 мегавати) и во близина на Свети Николе со вкупна моќност од 25 мегавати (една централа од 10 мегавати, една од 5 мегавати, две централи од по 2 мегавати и шест електрани од по 1 мегават).

„Најголем проблем, од досегашната пракса, за инвеститорите, се административните процедури, како да дојдат до градежна дозвола, трансформација на земјиште, урбанизација на локацијата и приклучокот на мрежата, и токму во таа насока направивме модел државата да преземе обврска да ги надмине овие административни процедури и да им ја олесни работата на инвеститорите“, објасни вицепремиерот.

Анѓушев дополни дека ќе се oвозможи и изградба на електрани на приватно земјиште со вкупна инсталирана моќност од 27 мегавати, за помали инвеститори кои планираат електрани од 0-200 киловати, од 200-500 киловати, од 500-1000 киловати и од 1000 до 3000 киловати.

Министерот за економија Крешник Бектеши нагласи дека е креирана и усвоена Програма за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премии. Со оваа програма се уредува вкупната инсталирана моќност на фотонапонски електроцентрали, која не може да биде поголема од 100 МW, за кои ќе се доделува премија по спроведена тендерска постапка и склучени договори за користење на премија во 2019 година.

„Износот на средствата потребни за исплата на премиите за произведената и продадената електрична енергија во 2019 година е утврден во Буџетот на Министерството за економија и изнесува 30.000.000 денари. Овие средства се наменети за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија како дополнителен износ на цената која ја оствариле со продажбата на произведената енергија на пазарот на електрична енергија. Максималниот референтен износ на фиксна премија за производство на електрична енергија во 2019 година изнесува 15€/MWh за фотонапонски електроцентрали“, рече Бектеши, најавувајќи дека наскоро ќе биде објавен јавниот повик за изградба на фотонапонски електроцентрали со користење на премија на локации за кои веќе е утврден потенцијал за производство на електрична енергија, а воедно ќе бидат доделени и посебни премии на приватни земјишта преку транспарентна и конкурентна процедура.

Истовремено, со техничка помош од ЕБРД е подготвен првиот драфт на тендерската документација за спроведување на постапката за избор на повластени производители од обновливи извори на енергија кои ќе користат премии.