22/11/2024
Македонија

Се продлабочува соработката во образованието помеѓу земјите од регионот

Проширувањето на меѓусебната соработка во областа на образованието беше во фокусот на неформалните средби кои министерот за образование и наука Арбер Адеми ги оствари со министрите за образование на Албанија, Косово и Црна Гора, Линдита Никола, Шукри Битиќи и Дамир Шеховиќ.

За време на средбите, сите страни изразија интерес и подготвеност за размена на искуства и поголема соработка преку иницирање на заеднички проекти и активности на сите нивоа и во сите образовни сегменти, особено во високото образование и науката, каде заеднички став е дека постои можност да се зголеми мобилноста на наставниот кадар, размената на студенти и да се реализираат повеќе билатерални научно – истражувачки проекти.

Инаку, средбите се остварени за време на седмиот министерски состанок кој вчера и денес се одржува во Брисел, а го организира Европската комисија во рамки на Платформата за образование и обука на земјите од Западен Балкан.

Платформата за образование и обука на земјите од Западен Балкан пак, е создадена во 2012 година и има за цел да иницира поголема соработка помеѓу институциите на системот во сите земји од регионот, со цел да се разменуваат позитивни примери и искуства, да бидат детектирани образовните предизвици и да се обезбеди заеднички пристап за нивно надминување.