Се укинуваат казнените одредби за регулација на професијата по предлог на Здружението на новинари на Македонија
На јавната дискусија за измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во организација на Министерството за информатичко општество и администрација , претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Насер Селмани, ги претстави своите предлози во врска со предложените глоби за член 61 од Законот за АВМУ.
Во текот на дискусијата и министерот Дамјан Манчевски и министерот Роберт Поповски, јасно истакнаа дека забелешките на претседателот на ЗНМ се прифаќаат и дека измените во членот 61 од Законот ќе се укинат.
На овој начин двајцата министри јавно го потврдија ставот дека владата не е и нема да биде мотор на реформите во медиумите, туку само ќе помага со заеднички усвоените механизми. Последната верзија од Законот за АВМУ која ќе влезе во собраниска процедура, ќе биде добиена како резултат на препораките и забелешките на сите засегнати страни.
Одлуката за бришење на измените во членот 61, во текот на вчерашната јавна дебата беше поздравена и од претседателот Селмани, кој јавно потенцираше дека е задоволен што е прифатена неговата забелешка. Поради тоа, изненадува, денешната изјава на Селмани, каде тој повторно ја обвинува Владата дека со измените во законот за АВМУ, се обидува да ги контролира медиумите.
Медиумските работници и медиумите очигледно се расположени и подготвени за дебатата која повеќе од деценија недостасуваше во општеството. Тоа го покажаа со присуството и конструктивните предлози на дебатата дискусијата која се одржа на 20 ноември и од која произлегоа конструктивни предлози и ставови.
Владата како и до сега останува отворена и за предлозите и коментарите од ЗНМ, како и за коментарите на сите засегнати страни. Доколку медиумските работници одлучат дека не се потребни измени за Законот за АВМУ, Владата нема да инсистира на измени.