22/11/2024
Македонија

Седиштето на ЦИВИЛ мета на вандализам со заканувачки и навредливи пораки

Седиштето на ЦИВИЛ повторно е мета на вандализам со заканувачки и навредливи пораки. Панелот во дворчето зад седиштето на организацијата што се користи за состаноци и изјави за јавноста е турнат, а врз него е ставена лопата. Натписот со логото на организацијата и натписот „Слободна зона“ веднаш под него се скинати, а пред вратата беа истурени отпадоци. На вратата, со остар предмет е изгравиран зборот „Nazi“ (нацист).

Ова не е првпат ЦИВИЛ да биде мета. Освен што организацијата и нејзините претставнички и претставници се постојано под напад од националисти и радикали, па и од високи функционери на одредени политички партии и политички структури.

Веднаш по 27-априлските настани во 2017 година, седиштето беше ограбено, кога беа украдени лаптопи и електронската архива на организацијата. Случајот никогаш не е решен.

Во 2018 година, на паното на ЦИВИЛ беа испишани вулгарни зборови и симболи.

Ноќта помеѓу 29 и 30 јуни, непознатите сторители, со очигледна политичка агенда, се обидуваат да испратат заканувачки и навредливи пораки до организацијата. Случајот веднаш беше пријавен во полиција.

ЦИВИЛ е организација за човекови права и слободи, формирана во 1999 година, која ужива огромна доверба и поддршка од граѓанките и граѓаните од сите заедници, со најразлични убедувања и ориентации. Овој вандалски чин може само да ги охрабри сите добронамерни и прогресивни граѓанки и граѓани, а особено членовите и поддржувачите на ЦИВИЛ да продолжат со својата добра работа.