23/11/2024
Охрид

Седмо издание на „Вдиши Театар“ од 22 до 24 јуни

Во рамки на своите програми за промоција и негување на хуманите вредности, поттикнување и развивање на креативноста кај младите, Црвен крст Охрид, со големо задоволство го најавува овогодинешното седмо по ред издание на Меѓународниот Аматерски Младински Театарски Фестивал со наслов „Вдиши Театар“.

Целта на овој театарски фестивал е поттикнување на младите за искористување на својот театарски потенцијал, креирање театарска игра и прикажување театарски претстави. Фестивалот е можност за промоција на работата на театарски надарените волонтери на Црвен крст Охрид, но и поттик за останатите да се приклучат, ги стекнат и негуваат вештините на актерството. Самиот фестивал ќе биде еден чекор напред во подигнување на театарската култура, не само кај младите, туку и кај останатите граѓани, а воедно претставува и почеток на културното лето во Охрид.

Во тридневната програма, својот актерски талент, умешност и креативност, низ 3 театарски претстави и едно премиерно филмско издание, ќе го прикажат повеќе од 30 талентирани млади актери-аматери од организациите на Црвен крст од Охрид и Битола. Како посебни гости на овогодинешниот Вдиши Театар ќе биде театарската група „Инет“ кое делува во рамки на Здружението „Пркос“ (Проактивна Културно Отворена Сцена) од Чајетина, Златибор, Србија, со култната претстава „Чудо у Шаргану“ што воедно ќе отвори можност за сплотување на актерите-аматери од градот и соседните држави, соработка, размена на искуства и стекнување нови пријателства.

Седмиот Аматерски Театарски Фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира во Охрид, во периодот од 22 до 24 јуни 2022 година.

Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на 22.06.2022 (среда) во предворјето на црквата Св.Софија со почеток во 21:00 часот со прикажување на музичко-поетскиот перформанс „Треба да бидеме подобри“ под авторство и режија на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, а во изведба на театарската група на Црвен крст Охрид.


WebOhrid / 20.06.2022 / Црвен крст Охрид