Шекеринска: Честито нови униформи, повисоки плати и нова опрема
„Најмногу ме радува и ми причинува големо задоволство што денес сите ја носите новата униформа. Тоа значи дека здравствената криза која го зафати нашето општество, не ги намали инвестициите во одбраната. Моите заложби секојдневно и покрај вонредната состојба беа да се реализира набавката на нови униформи. И тие се веќе наша реалност – токму како што доликува на припадници на Армија членка на НАТО “, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска во своето обраќање пред припадниците на Армијата во касарната Илинден во Скопје.
Шекеринска денеска ја посети касарната Илинден за да им се заблагодари на на припадниците на Армијата за ангажманот во периодот на вонредната состојба и нивната помош во кризата со коронавирусот, и воедно да присуствува на промоцијата на новите армиски униформи.
„Покрај набавка на нови униформи ветив пред вас и повисоки плати. Платите во Армијата растеа три пати. Растеа сите приходи на сите припадници. Ветив 7000 денари станарина, денеска сите оние кои што ги исполнуваат условите примаат станарина повисока од 8000 денари, секој месец. Денеска платата и приходите на припадниците на Армијата се зголемени помеѓу 50 и 60 проценти, набавивме и нови инженериски машини, нарачавме нови оклопни возила“, истакна Шекеринска честитајќи им на припадниците на Армијата.
Зборувајќи за улогата во кризата со коронавирусот министерката изрази благодарност до Армијата за посветеноста и за довербата што ја ужива меѓу граѓаните. „Како никогаш досега Армијата беше блиска и сплотена со својот народ. Затоа не ме изненадија истражувањата на јавно мислење кои покажаа дека Армијата е меѓу институциите во кои граѓаните имаат највисока доверба од државните институции на самиот врв. Доверба која ја примивме како награда за вашите дела. ви честитам и ви благодарам што ни ја донесовте оваа висока почест“, рече Шекеринска.
Министерката Шекеринска посочи дека Министерството за одбрана се искачуваше секоја година по скалата за транспарентност за оваа година да го освои лидерското место според транспарентноста на институциите. „Тоа е пример за одговорно работење и за градење на успешно општество“, истакна таа.