22/11/2024
Македонија

Шекеринска – Џачка: Успехот на Северна Македонија за членство во НАТО е успех за целиот регион и НАТО

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Министерството за одбрана се сретна со министерката за одбрана на Република Албанија, Олта Џачка која за прв пат е во официјална посета на Република Северна Македонија.

Министерката Шекеринска потенцираше дека земјите од регионот покажаа дека знаат да соработуваат, знаат да се почитуваат и дека знаат во најважните моменти да си дадат целосна поддршка.

„Република Албанија тоа го направи со континуираната поддршка за нашето членство во НАТО Алијансата, но и со извонредно брзата реакција кога на 14ти овој месец, како третата земја, веднаш по Грција и Словенија, го ратификува Пристапниот протокол, за пристапување на Северна Македонија во НАТО Алијансата. Така постапуваат само добрите пријатели и добри сојузници и бидете сигурни дека тоа го цениме и дека тоа го паметиме“, рече министерката Шекеринска.

Министерката додаде дека изминатава година покрај фокусот за членство во НАТО и ЕУ, Владата интензивно работеше и на подобро функционирање на институциите. Таа како пример го наведе успехот на Министерството за одбрана, кое според анализите на транспарентноста, отчетноста и интегритетот на институциите во делот на јавните набавки, направи пробив меѓу првите три институции со највисока транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки.

Министерката Шекеринска изрази надеж дека во годината кога се одбележува 10 годишниот јубилеј на Албанија како членка на НАТО, и 70 години од основањето на НАТО, Алијансата ќе стане побогата за уште една членка, со Република Северна Македонија.

Министерката Џачка во својата изјава кажа дека потпишувањето на протоколот за членство во НАТО е еден многу важен момент, а со тоа, целиот регион ќе биде побезбеден, постабилен и на иднината ќе може да гледа со повеќе оптимизам.

„Албанија, стабилноста и безбедноста на Република Северна Македонија ја гледа како еден главен услов за безбедност на целиот регион, а нашата поддршка во овој голем процес беше една од главните стратешки цели. Тоа е причината поради која Албанија го ратификуваше протоколот за членство во НАТО и тоа е причината поради која ние Албанците, но и сите кои што сакаат стабилност и развој на регионот, добрите можности на соседите ги гледаме на тој начин“.

Министерката Џачка истакна дека граѓаните без разлика на етничката припадност, вера, јазик, сакаат развој, подобар живот, спокој и безбедна средина, и дека регионот тргна во тој правец.

За време на средбата на двете делегации се разговараше за подобрување на меѓусебната соработка во областа на одбраната, заедничкиот придонес во мировната мисија „Одлучна поддршка“, учество во иницијативата САД – Јадранска соработка и учеството на припадниците на нашата Армија на мултинационалната вежба која оваа година ќе се одржи во Албанија.