22/11/2024
Македонија

Шекеринска на панелот на ЕCFR за Западен Балкан во Париз

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, во Париз учествува на годишниот состанок на Европскиот совет за надворешни работи (ECFR) чија цел е креирање на насоки за справување со предизвиците во европската надворешна политика.

Министерката Шекеринска е прв политичар од Република Македонија, која доби покана да биде член  од оваа влијателна европска тинк-тенк организација. 

Во рамки на состанокот на ECFR се одржа панел дискусија за Западен Балкан и ЕУ – „Western Balkans: The EU and Great Power Competition“ на која Шекеринска се осврна на состојбите дома и во регионот и потребата од интегрирање на Македонија и Западен Балкан во ЕУ.

Министерката Шекеринска рече дека Франција им е потребна на Македонија и на регионот сега во овие моменти. „Сега е моментот кога треба да се дејствува бидејќи ако сега се пропушти можноста тоа ќе значи уште една изгубена декада и тоа не само за регионот туку и за Европа“, рече таа. 

Во врска со спорот за името Шекеринска рече дека двајцата министри дојдоа до извесна рамка за компромис и дека Владата е цврсто решена да не бега од овој проблем.

„Верувавме дека решавањето на проблемите дома и со соседите е најкусиот пат до почнување на преговори за членство во Европската унија и во НАТО. Кога првпат застанавме на ЕУ патеката слушнавме дека Европската комисија и Европската унија се строги но фер. Но она што го гледаме денеска е дека Европската комисија и Европската унија се строги но полни со сомневања“, посочи министерката Шекеринска. „Македонија не може да ја пропушти оваа можност, но се надевам дека и ЕУ нема да ја пропушти оваа можност. Статус-квото никогаш не е опција за Западен Балкан. Или ќе одиме напред или ќе се вртиме во круг со истите проблеми“, додаде таа.

Министерката рече дека Владата во изминатата нецела година постигна напредок во сите три клучни области: медиумските слободи, реформи во разузнавачкиот сектор и следење на комуникациите, владеење на правото и справување со корупцијата. Таа додаде дека  Европската комисија го нотираше овој напредок и виде дека во земјата има политичко водство кое сака да прекине со минатото.

На панелот посветен на Западниот Балкан покрај министерката Шекеринска, зборуваа и Михаел Рот, државен министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Албанија, Еди Рама.

Шекеринска стана дел од ECFR на почетокот на април оваа година, по поканата која беше упатена до неа од страна на тричлената група ко-претседавачи со бордот на Советот, предводена од поранешен шведски премиер Карл Билт. Европскиот совет за надворешни работи (ECFR) е една од највлијателните европски тинк-тенк организации за поттикнување кохерентна и ефикасна надворешна политика базирана на европски вредности и е платформа за комуникација на лидерите и размена на идеи за европската политика. 
На состанокот во Париз министерката Шекеринска се сретна и  разговараше со влијателни креатори на мислења посветени на Европа и нејзината улога во светот.