Шекеринска на средба со министерот за одбрана на Словенија, Ерјавец
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Министерството се сретна со нејзиниот словенечки колега, министерот Карл Ерјавец, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.
„Денешната средба со колегата, министер за одбрана од Словенија за нас и за мене има навистина дополнително значење, а тоа е дека ова е моја прва средба како министер за одбрана со колега на земја-членка на НАТО во која можам навистина да кажам дека Македонија го исполни својот дел од обврските и го заслужи местото покрај Словенија во НАТО алијансата. Македонија е горда на своето постигнување. За неполни 2 години успеавме да ја нормализираме државата, да ги вратиме на сила основните демократски правила и шанси. И вие како Словенија имате право да бидете горди на овој наш успех, бидејќи успехот на нашата држава на планот на членството во НАТО и членството во ЕУ морам да признаам дека има силна словенечка боја“, рече министерката Шекеринска по средбата.
Шекеринска истакна дека Словенија како сериозна држава не ја дава својата поддршка бланко и само на зборови. „Покажавме дека демократијата, владеењето на правото, медиумските слободи, реформите, реформите во безбедносниот систем, грижата за Армијата и нејзините членови не се само зборови на хартија, туку се дел од нашите приоритети и нашата политика. Ги следиме насоките на алијансата за зголемување на одбранбениот буџет, тоа значи повеќе пари за Армијата на нашата држава, ја зголемивме мотивираноста кај секој припадник на АРМ, со две години по ред зголемување на платите и со подобри услови за работа. Ова е начинот на кој Македонија ја внесуваме во НАТО, но и НАТО стандардите чекор по чекор ги вградуваме во нашите стандарди“, додаде министерката.
Министерот Ерјавец нарекувајќи го овој период за Македонија историски, посочи дека и Словенија, како и Македонија направи многу компромиси за членство во НАТО – Алијансата и во Европската Унија и додаде дека му е задоволство што Македонија е на патот за влез во НАТО.
„Искрено ја поддржувам Македонија за нејзините напори за влез во НАТО – тоа го покажавме и со фактот дека контакт-амбасада за влез во НАТО е словенечката амбасада и имаме денеска тука наши претставници. Постојано ќе ја поддржувам Македонија за влез во НАТО-сојузот“, рече словенечкиот министер за одбрана.
Министрите Шекериснка и Ерјавец истакнаа дека билатералната одбранбена соработка е на највисоко ниво, а како пример за тоа се заедничките вежби во двете држави, како и обновениот Меморандум за соработка во делот на користење на армиските полигони во Македонија и Словенија.
Во тој контекст, министерката Шекеринска порача дека „ресурсот за Македонија станува ресурс и на Словенија, она што го има Словенија, може да го користи и Македонија“ и дека тоа е вистинскиот рецепт за сојузништво во најголемата алијанса во која што Словенија веќе функционира долги години, а во која што Македонија оваа година го направи најважниот чекор.