Шекеринска: НАТО е сојуз на држави со исти вредности кои се поддржуваат и во тешки и во добри моменти
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во изјавата по денешните сесии на министерскиот состанок во НАТО изрази длабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите во синоќешната несреќа на патот Скопје – Тетово и ги пренесе изразите на сочувство од учесниците на состанокот на Северноатлантскиот совет на Алијансата.
„Од генералниот секретар на НАТО, преку високата европска претставничка Могерини, до моите колеги министри за одбрана од САД, Германија, Словенија, Холандија и Грција – сите уште на самиот почеток на нашите средби ги упатија истите зборови на сочувство и огромно жалење за изгубените животи. Тоа покажува дека НАТО не е само воен сојуз, туку сојуз на држави кои споделуваат исти вредности, држави кои се заедно во тешки и во добри моменти“, рече министерката Шекеринска денеска по двата состаноци на Северноатлантскиот совет во Брисел, во однос на вчерашната трагична автобуска несреќа кај Карпалак.
Во однос на денешните министерски состаноци, Шекеринска истакна дека ова е вистинска прилика да се види која е разликата од тоа дали земјата учествува или не на состаноците на Алијансата.
„Наместо како досега кога за нашата држава се разговараше на состаноци на кои што наши министри не присуствуваа, сега ние имавме прилика да го кажеме нашиот став за тоа што се случува во светот, за тоа какви треба да бидат операциите и акциите на НАТО и за тоа кои политики и на Балканот и во Европа ќе нè донесат до зголемена безбедност и зголемен просперитет“, рече министерката.
Шекеринска потенцираше дека нашите припадници продолжуваат со придонесот во Авганистан, но и со поддршката на мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, ЕУФОР- АЛТЕА, како и со мисијата на Обединетите Нации во Либан.
„Ние покажавме дека имаме луѓе, дека имаме Армија и капацитети на кои што земјите-членки на НАТО можат да се потпрат и сега е моментот тоа да го материјализираме и со членство во Алијансата. Побарав и од моите колеги министри за одбрана да лобираат за побрз процес на ратификација на пристапниот протокол, за нашата држава да може да ги ужива сите привилегии на полноправно членство. Ова е шанса за сите нас, ова е шанса еден чекор плус во обезбедувањето на целосна безбедност и просперитет за сите наши граѓани“, заклучи министерката.
Денеска завршува првата сесија на Северноатлантскиот совет на министри за одбрана на земјите-членки на НАТО. На состанокот, како и на билатералните средби со генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг, и со министрите за одбрана на Грција, на Турција, на Канада, на Велика Британија, на Белгија и на Бугарија, министерката Шекеринска доби честитки за заземеното место во НАТО како и за покажаната храброст и лидерство.