23/11/2024
Македонија

Шекеринска: Утре го објавуваме првиот конкурс за прием на професионални војници во АРМ

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска информираше дека утре ќе биде објавен првиот конкурс за прием на 125 професионални војници во Армијата на Република Македонија.

„Утре го формализираме и го објавуваме првиот конкурс за прием на нови 125 професионални војници во Армијата на Република Македонија кој што ќе биде дел од вкупно 375 нови професионални војници кои што треба да го зајакнат составот на Армијата. Со тоа даваме придонес на политиката на Владата на Република Македонија за создавање нови работни места кои што ќе бидат подобро платени“, рече министерката Шекеринска.

Таа истакна дека целта на овој чекор, како и на зголемувањето на платите на припадниците на Армијата е да се решат три прашања, односно да се зголеми стабилноста и безбедноста на Македонија, да им се даде шанса на младите луѓе и да се продолжи тенденцијата на пораст платите.

Министерката ги повика сите млади луѓе до 25 години возраст со завршено средно образование кои што веќе доброволно го отслужиле воениот рок да се пријават на овој конкурс.

„Службата во армијата не е само чест, не е само одговорност, тоа е и голема шанса за напредување, преку обуки кои ги реализираме во повеќе од дваесет земји во светот, шанса за дополнителни школувања и шанса за професија која возвраќа со понатамошен професионален развој“, рече Шекеринска.

Министерката додаде дека и Владата и раководството во Министерството ги одржуваат зборовите и ветувањата кои ги даваат.

„Го засилуваме составот, ја засилуваме Армијата на Република Македонија, ги зголемивме платите на сите кои што се во служба на АРМ, а сега работиме и на зајакнување на инвестициите во сите воени објекти. Дополнително во следните 10 дена и официјално ќе го почнеме процесот на набавка на униформи и чизми кои што долги години беа камен на сопнување и слабост на сите оние кои што работат во Армијата“, рече министерката.

Во Военомедицинскиот центар, министерката се запозна со капацитетите на овој значаен дел од Армијата на Република Македонија и разговараше за можностите како во иднина да се развива овој Центар.