23/11/2024
Спорт

Селекторот Ангеловски ги избра фудбалерите кои ќе играат против Словенија и Полска

Селекторот на македонската А репрезентација, Игор Ангеловски повика 23 фудбалери за претстојните два натпревари против Словенија (10. октомври, Скопје) и Полска (13. октомври, Варшава) од квалификациите за ЕУРО 2020. 

Поради повреда неизвесно е дали Енис Барди ќе биде во комбинација за настап, додека Егзон Бејтулаи поради жолти картони ќе биде во конкуренција за настап само на натпреварот против Полска. 

Собирот на македонската репрезентација е закажан на 07. октомври (понеделник) во 12:00 часот во х. „Гранд Плаза“ во Скопје. 

Игор Ангеловски за квалификациските дуели против Словенија и Полска, вели дека се најважни за нашиот национален тим во циклусот за пласман на ЕП 2020.

Селекторот на македонската А репрезентација е убеден дека дуелот со Словенија ќе биде нашето најдобро издание. 

– Списокот речиси во целост е истиот што беше на претходните натпревари. Дарко Велковски отпадна поради повреда, а ги чекаме последните медицински наоди за Енис Барди за да знаеме дали може да биде на располагање. Во националниот тим се враќаат Ристовски и Тошевски, а Бејтулаи нема да го имаме со Словенија поради три жолти картони. Убеден сум дека дуелот со Словенија ќе биде нашето најдобро издание, затоа што за нас ова е многу важен натпревар, но истовремено и дуел во кој ќе уживаме. Самите се донесовме во ситуација да се надеваме на висок пласман во групата и ќе направиме сѐ за да го постигнеме тоа, изјави Ангеловски.

– Може да победиме само ако сме како тим и ако играме како што знаеме. Словенија сите мечеви ги одигра речиси со истите фудбалери. Истото практикуваме и ние. Менуваме само кога имаме повредени. Имаме неколку системи на игра кои во изминатите години ги користевме на натпреварите. Словенија е тим што има голман како Облак, лидер како Иличиќ, но очекувам една рамноправна битка, а сепак борба на секој дел од теренот. Јас верувам во овие фудбалери, додаде селекторот.

Натпреварот меѓу Македонија и Словенија се игра на 10. октомври на Националната арена „Тодор Проески“. Собирот е на 7. октомври во „Гранд Плаза“, а првиот тренинг е од 18:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“.