25/11/2024
Спорт

Селекторот Ангеловски ги одреди фудбалерите за натпреварот со Норвешка

Селекторот на најдобрата репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски одбра 21 фудбалер за контролниот натпревар на македонската репрезентација против Норвешка на 11 ноември на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

Селекторот Ангеловски по објавувањето на списокот со повикани фудбалери за натпреварот против Норвешка даде свое видување за играчкиот кадар во селекцијата и очекувањата од контролниот дуел против скандинавците. Предводникот на нашата најдобра селекција на прес-конференцијата истакна дека очекува да го продолжиме трендот на позитивни резултати.

„Нема промени во составот во однос на претходните натпревари од квалификациите за Светското првенство. Сметам дека тоа што функционираше одлично и што ни донесе резултат не треба да го менуваме. На 11. ноември нѐ очекува квалитетен тест натпревар против репрезентација која во минатото не сме ја победиле. Норвешка негува типичен скандинавски стил на игра, аргесивен, со многу дуели, а ги предводи Лагербег кој направи фудбалско чудо со Исланд. Се надевам дека на најдобар начин ќе се спротивставиме и ќе го продолжиме трендот на позитивни резултати“, – изјави Ангеловски.

Нашиот предводник истакна дека тројца фудбалери, Велковски, Муслиу и Ристевски се враќаат по повреди, но се во тренажен процес, додека Стефан Ристовски ќе биде подготвен за натпреварот.

„Стефан имаше импресивен натпревар за Спортинг во Лигата на шампионите, поради грчеви во последните минути беше заменет против Јувентус, а не поради повреда. Ќе биде комплетно подготвен за дуелот против Норвешка“, – истакна Ангеловски.

Собирот на А репрезентацијата е закажан на 7 ноември.