Селекторот Милевски го објави списокот со фудбалери за натпреварот против Австрија
Селекторот на Македонија до 21 година го објави списокот со повикани фудбалери за квалификацискиот натпревар против Австрија (14 ноември, Национална арена „Филип Втори“) за пласман на ЕП 2019 во Италија. На списокот на Милевски се наоѓаат 21 фудбалер.
По објавувањето на списокот, селекторот Милевски даде свое видување во однос на составот на репрезентацијата и повиканите фудбалери за квалификацискиот натпревар против Австрија на 14 ноември во Скопје.
„Во тимот има четворица дебитанти, од кои двајца голмани, Јанков од Локомотива и Трајчевски од Победа Валандово, Садики е стандарден сезонава во Работнички и Стојановски од хрватски Дугопоље. Сметам дека сите треба да бидеме на повисоко ниво во однос на претходните натпревари, посебно ако го земеме во предвид дуелот со Гибралтар. Тоа е опомена за некои од фудбалерите кои се наоѓаат и на овој список. Дел од репрезентативците кои се лидери во клубовите очигледно имаат проблем да се наметнат во таа улога во националниот тим и овој момент секако ќе биде тема за анализа во периодот кои следува. Австрија е познат противник, знаеме се за противникот, но пак ќе потенцирам, важно е ние како ќе изгледаме на терен“, – изјави Милевски.
Првиот тренинг Македонија до 21 година ќе го има на 8 ноември во 16:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.