23/11/2024
Спорт

Селекторот Милевски го објави списокот со повикани фудбалери за бараж натпреварите за пласман на СП 2022

Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски го објави списокот со повикани фудбалери за натпреварите против Италија (24. март) и Португалија / Турција (29. март) од плејофот за пласман на Светското првенство во Катар 2022.

На списокот на селекторот Милевски се наоѓаат 27 фудбалери. Давид Бабунски од унгарски Дебрецин е повратник во најдобрата репрезентација. Кристијан Наумовски од Шкупи е повикан во конкуренција за голманската позиција.

ГОЛМАНИ: Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Кристијан Наумовски (Шкупи);

ОДБРАНА: Стефан Ристовски (Динамо Загреб, Хрватска), Дарко Велковски (Ријека, Хрватска), Висар Муслиу (Инглоштад, Германија), Кире Ристевски (АЕЛ Лимасол, Кипар), Езѓан Алиоски (АЛ Ахли, Саудиска Арабија), Тодор Тодоровски (Серед, Словачка), Стефан Ашковски (Сепси, Романија), Никола Серафимов (Залаегерцег, Унгарија);

СРЕДЕН РЕД: Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Елиф Елмас (Наполи, Италија), Енис Барди (Леванте, Шпанија), Стефан Спировски (МТК, Унгарија), Тихомир Костадинов (Пјаст, Полска), Јани Атанасов (Хајдук, Хрватска), Ердал Ракип (Малме, Шведска), Бобан Николов (Шериф Тираспол, Молдавија), Давид Бабунски (Дебрецин, Унгарија); 

НАПАД: Адис Јаховиќ (Гестепе, Турција), Милан Ристовски (Спартак Трнава, Словачка), Бојан Миовски (МТК, Унгарија), Дарко Чурлинов (Шалке 04, Германија), Александар Трајковски (Ал Фахја, Саудиска Арабија), Ваљон Етеми (Истанбулспор, Турција), Дориан Бабунски (Дебрецин, Унгарија); 

Собирот на македонската А репрезентација е закажан за 20. март во 19:00 часот во хотел „Хилтон“ во Скопје. 

Првиот тренинг е во понеделник во 19:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје. На 22. март во 17:00 часот со чартер лет, репрезентацијата патува за Палермо каде што ќе се одигра натпреварот против Италија.

Благоја Милевски, селектор на репрезентацијата на Македонија: 

– Што се однесува до напаѓачките опции, Адис Јаховиќ е повикан, но неговото доаѓање е неизвесно. Јаховиќ се соочува со одредени потешкотии, има болки во тетивата и наскоро ќе дознаеме дали ќе може да му се приклучи на тимот. Несторовски не е повикан од причина што во текот на оваа сезона има одиграно само 13. минути во Купот на Италија, но не значи дека нема да сметаме на него за идните активности доколку влезе во натпреварувачки ритам. 

– Се работи за еден натпревар со Италија на кој се е отворено. Нашите фудбалери треба да уживаат во овој бараж, да покажат дека не сме случајно на ова место и меѓу најдобрите 20 селекции во Европа. Ме радува формата во која се наоѓаат нашите репрезентативци. Што се однесува до Италија, се работи за селекција која е во топ пет по квалитет, актуелен Европски првак. Меѓутоа секоја селекција има свои силни и слаби страни, така е и со нашиот следен противник, наше е да успееме тоа да го искористиме.

– Овој тим на Македонија не знае да игра дефанзивно и да игра пасивно. Тоа го покажавме на сите седум натпревари во квалификациите, а ќе се потрудиме да го потврдиме и на дуелот со Италија. Ќе биде тешко, но не и невозможно. Нема лесен натпревар на ова ниво.

– Искрено, не гледам поврзаност со претходните два меѓусебни натпревари против Италија. Од последниот меч со Италија мина долго време, двете селекции имаат различен селектор, различна филозофија. Сега играме еден натпревар, кој е од сосема поинаков тип и важност, во споредба со двата квалификациски меча одиграни во Скопје и Торино.


WebOhrid / 16.03.2022 / ФФМ