22/11/2024
Македонија

СЕММ: Етичките и професионалните стандарди на новинарството најмногу се прекршуваат од онлајн медиумите

Показателите за бројот и видот на претставките упатени до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во текот на минатата година покажуваат дека етичките и професионалните стандарди на новинарството најмногу се прекршуваат од онлајн медиумите (76,5%), а потоа од телевизиите (17,6%), а од печатените весници и неделниците (4,4%).

Од вкупно 68 поплаки поднесени до Комисијата во текот на минатата година, најголем број се од граѓаните (33,8%), потоа од медиуми и новинари (25%), од организации и здруженија од граѓанскиот сектор (22,1%), а од носители на јавни функции, институции и политички партии (19,1%). Од донесените 68 одлуки, во 38 случаи Комисијата утврдила прекршување на Кодексот на новинарите и изрекла морална санкција, а 16 жалби биле неосновани или надвор од надлежноста на Комисијата.

За СЕММ е најзагрижувачки фактот што најголем дел од прекршувањата се однесуваат на основните правила на етичкото новинарство: објавување точни, проверени и сеопфатни информации (во 60,5 % од случаите)  и разграничувањето на фактите од мислењето на новинарот (во 34,2% од случаите). Во 31,5% од регистрираните случаи новинарите не ја негувале културата на говор и не го почитувале принципот на примерна комуникација со јавноста.

Особено загрижува и тоа што 23,7% од вкупниот број поплаки се однесувале на медиуми кои во јавноста ширеле говор на омраза, употребувале дискриминирачки искази или поттикнувале стереотипи, и на тој начин им нанесувале сериозна штета на припадниците на одделни групи.

Публиката, која се информира главно од онлајн порталите или од други медиуми кои не ги почитуваат правилата на етичкото новинарство, станува лесен предмет на манипулација поради големиот број фабрикувани или полувистинити информации. Имајќи ја превид огромната манипулативна моќ на дезинформациите и на фабрикуваните или лажните вести што се шират под маската на „сериозно новинарство“, СЕММ, во насока на поголема афирмација на саморегулацијата, апелира да се почитуваат правилата за интернет порталите (http://semm.mk/sovet-za-etika-4/pravila-za-chlenstvo) кои се членови или кои сакаат да пристапат кон СЕММ.

Но, покрај воведувањето на овие правила, СЕММ ги повикува сите медиуми да работат со професионален интегритет и да се заложат за доследна примена на основните принципи на етичкото новинарство. Советот ќе продолжи да го набљудува начинот на информирање на медиумите, како на оние кои се дел од членството, така и на оние кои се’ уште не се негови членки и ќе повикува на доследно почитување на Кодексот на новинарите, како предуслов за припадност кон ова наше, заедничко, професионално тело за саморегулација во медиумите.

Во прилог линк од инфографикот за статистичкиот преглед на одлуките на Комисијата за жалби за 2018 година: http://semm.mk/komisija-za-zalbi-4/statistichki-pregledi/602-2018-2.