26/11/2024
Македонија

СЕММ и ЗНМ бараат внимателност при известувањето за самоубиства

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинарите (ЗНМ), по повод известувањето на медиумите во врска со случаите на самоубиство ги повикуваат новинарите на почитување на етичките стандарди и норми и воздржување од сензационалистичко информирање.

Притоа, потсетуваме на член 7 од Кодексот на новинарите, според кој “новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост“.Воедно, потсетуваме и на обврската на медиумите содржана во член 8 од Кодексот, според која „начинот на информирање во случаи на несреќи мора да биде ослободен од сензационализми“.

Овие членови од Кодексот јасно упатуваат на обврската на новинарите да известуваат за случаите на самоубиства само доколку станува збор за поширок јавен интерес или, пак, кога станува збор за јавни личности, со цел објективно да се информира јавноста и да се избегнат можните шпекулации. Но и во тие случаи новинарите имаат одговорност да известуваат урамнотежено, со сигурни докази потврдени од релевантни извори и секогаш почитувајќи ги личната болка и жалост на најблиските.

Освен тоа, потребна е особена внимателност во известувањето за случаи на самоубиства,со оглед на можноста од повторување на таквиот чин од ранливите категории граѓани, на што упатува и Светската здравствена организација.

Од друга страна, медиумите имаат голема улога во тоа да се разберат факторите што придонесуваат за овој проблем, како и да се едуцира јавноста, а особено оние кои се соочуваат со ризик од таков тип однесување со цел да побараат соодветна помош.