СЕММ ја оценува вчерашната изјава на премиерот Заев како недолична и несоодветна од носител на јавна функција
Вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев дека нема да дозволи суетен новинар да ја симне Владата од власт, СЕММ ја оценува како недолична и несоодветна од носител на јавна функција. Улогата на власта во демократијата во ниеден случај не смее да значи нивно мешање во работата на новинарите, а ваквите изјави може да се сметаат за отворен притисок и обид за јавна дискредитација на професијата, од која се очекува да даде одговор на прашања од интерес на јавноста.
Во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, работата на новинарите мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување.
Во исто време, СЕММ ја осудува и непримерната изјава на премиерот со која директно се стигматизира ЛГБТИ заедницата во државата, во услови кога оваа заедница долго време се залага за ослободување на јавниот дискурс од дискриминаторен и потценувачки однос.