СЕММ ќе учествува во одбележување на Деновите на медиумска писменост
„Поддршката и афирмацијата на медиумската писменост е добра можност заеднички да испратиме порака дека јавноста ни е особено значајна во давањето одговор за новинарското известување. Вклученоста на граѓаните е особено значајно во „демистификацијата“ на новинарските практики и инвестициите во подобрување на професионализмот во работата во медиумите како дел од начините на враќање на довербата во професијата.“ рече Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на прес – конференцијата на која организации – членки на македонската Мрежа за медиумска писменост ги најавија Деновите на медиумска писменост 2019.
Во рамки на Деновите на медиумска писменост СЕММ организира отворена седница на Комисијата за жалби, која ќе се одржи на 25.10.2019 (петок), со почеток од 11:00 до 13:00 часот, во просториите на ААВМУ. На отворената седница јавно ќе се разгледуваат жалбите што стигнале до СЕММ, а ќе се дискутира и за начинот на поднесување жалби, работењето на Комисијата за жалби и најчестите предизвици со кои се соочува ова тело.
На 29ти октомври, во рамки на Деновите на медиумска писменост, СЕММ ќе организира и дебата на тема „Саморегулација во медиумите, состојби, предизвици и можности“, на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, во присуство на граѓани, претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и институциите. Претставниците на Советот за етика во медиумите кои ќе присуствуваат на дебатата ќе зборуваат за значењето и перспективите на саморегулацијата, како и за досегашните искуства и практики на ова тело. Настанот ќе биде искористен и за дискусија за најчестите тенденции на прекршување на стандардите во известувањето, како и за начините на кои дејствува СЕММ во врска со случаите на непрофесионално и неетичко новинарство. Исто така, граѓаните ќе бидат запознаени со механизмот за поднесување жалба до Комисијата за жалби при СЕММ.
СЕММ ќе продолжи со организирањето настани од овој тип во блиска иднина и низ други градови ширум државата, а најважниот апел што сакаме да го испратиме е медиумите да дејствуваат како стожери на јавниот интерес и да известуваат, пишуваат и објаснуваат во согласност со највисоките стандарди на професијата.