Сениорите успешни во баражот, минимален пораз во Клуж за заслужен пласман на СП 2019
И покрај поразот од 26-25 на гостувањето во Клуж, Македонија заслужено го доби двомечот со Романија во баражот за пласман на веќе четврто Светско Првенство по ред и вкупно шесто во историјата на нашиот ракомет.
Избраниците на Раул Гонзалез знаеја како да го одржат водството од 8 голови разлика од првата средба (32-24) од баражот играна во Скопје, па и покрај тоа што Романците во еден момент од второто полувреме стигнаа и до позитива од 4 голови (24-20), пласманот на мундијалот за нашиот состав не беше доведен во прашање. Дејан Манасков со 8 погодоци беше прв стрелец во нашиот состав, Кирил Лазаров додаде 5, Стоилов беше стрелец на 4 гола, а во листата на стрелци се запишаа и Георигевски со 3, Филип Лазаров и Талески со по 2, односно Поповски кој постигна 1 гол. Впечатлив настап на голот на нашата селекција имаше и Борко Ристовски.
Со оваа вкупна победа од 57-50 против Романија, репрезентацијата на Македонија го продолжи континуитетот на настапи на големите европски и светски натпреварувања. За нашите најдобри ракометари ова ќе биде четврто учество на СП по ред и вкупно шесто. Заедно со Европските Првенства, настапот на СП 2019 во Германија и Данска, за Македонија претставува осмо учество по ред на големите натпреварувања и вкупно 11-то во историјата.
Извлекувањето за СП 2019 ќе се одржи на 25 јуни во Копенхаген, Данска. Според системот на натпреварување на СП 2019, извлечени ќе бидат четири групи со по шест репрезентации, а најдобропласираните три од секоја од групите ќе продолжат во главната фаза.