СЕП го објави Деталниот фактографски извештај за имплементацијата на Планот 3-6-9
Денеска, 17. април заедно со објавувањето на Извештајот на Европската Комисија за состојбите и напредокот на земјава на евроинтегративниот пат истече периодот за имплементација на Планот 3-6-9. Деталниот фактографски извештај за имплементацијата на Планот 3-6-9, точно на полноќ беше објавен на веб страна на Секретаријатот за европски прашања www.sep.gov.mk и истиот можете директно да се преземе на следниот линк https://goo.gl/BqGvVt.
Во изминативе девет месеци Македонија успеа да испорача исклучително продуктивна реформска агенда. Доказ за ова е успешното спроведување и реализацијата на Планот 3-6-9 т.е. реализирани се преку 90% од предвидените реформи и 100% од неговата суштина – Македонија се врати на евроатланскиот пат.
Планот 3-6-9 беше усвоен во јули минатата година, по изгласувањето на новата Влада, со цел да обезбеди трасирање на патот односно да го одмрзне реформскиот процес во Република Македонија и да ја врати државата на евроатланскиот пат, и беше поделен на три делови, според рочноста во која се имплементираа реформите. Неговиот прв дел – делот три беше финализиран со одржувањето на фер, слободни и кредибилни избори во ноември минатата година, додека делот шест заврши со излегувањето на Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан 2025.
Делот девет т.е. севкупно, Планот 3-6-9, завршува денеска, односно со излегувањето на Извештајот на Европската Комисија. Согласно испорачаните резултати т.е. успешнато спроведување и реализација на Планот 3-6-9, истиот треба да биде крунисанa со најдобриот извештај за Република Македонија досега и со чиста и безусловна препорака за преговори со Унијата.
Со завршувањето на Планот 3-6-9, не завршуваат реформите, туку напротив, оваа реформска агенда ќе продолжи и во иднина, во насока на имплементација на процесите кои произлегуваат од Шесте водечки иницијативи на Стратегијата 20-25 на Комисијата, како и од сугестиите, коментарите, забелешките кои ги очекуваме во денешниот Извештај на Комисијата.