26/11/2024
Охрид

Симфонискиот оркестар на Бријанск вечерва ќе музицира на „Охридско лето“

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на симфонискиот оркестар на Бријанск од Русија.

Руската вечер ќе се одржи во предворјето на црквата Света Софија со почеток во 21 часот.

Симфонискиот оркестар на Бријанск е основан во 2011 година од страна на Едуард Амбарцумјан –заслужен уметник на Руската Федерација кој е уметнички директор и диригент на ансамблот.

Од првите денови на постоењето, овој оркестар започнува интензивна концертна активност исполнувајќи популарни, но и сложени дела од музичката литература. Настапува на значајни фестивалски празнувања во Бријанск, настапува во Москва, официјален оркестар на меѓународниот натпревар за пијанисти „Т. П. Николаева“, гостува во Франција на фестивалот во Савој, во Полска итн. За време на своето постоење оркестарот настапува со значајни диригенти и солисти меѓу кои пијанистите: Николај Петров, Николај Гиндин, Валентина Игошина, Иван Рудин, Андреј Гугнин, Арсениј Тарасевич-Николаев, виолинистите: Данил Коган, Надежда Токарева, Гајк Казазјан, како и со диригентите: Џонатан Брет (В. Британија), Карло Голдстаин (Италија), Константин Бараков и други.