Сите што останале без работа од 11 март до 30 април, да аплицираат за паричен надоместок
Оние што останале без работа во пикот на коронакризата, независно од времето поминато во работен однос, можат брзо да дојдат до помош за полесно да го премостат периодот на невработеност. Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, во гостувањето во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, апелираше до лицата кои потпишале спогодбен отказ или дале лична изјава за прекин на работниот однос, да аплицираат во Агенцијата за вработување до 26 јуни.
„Системите на социјална сигурност се состојат од два механизми. Првиот механизам е користење на паричен надомест врз основа на Законот за осигурување во случај на невработеност. За да им излеземе во пресрет на сите што имале прекин на работен однос донесовме Уредба којашто го проширува опфатот на лица кои можат да примаат паричен надомест. Според Уредбата, сите оние коишто останале без работа во периодот од 11 март до 30 април, без разлика дали потпишале спогодбен отказ или лична изјава, или добиле отказ од работодавачот, ќе можат два месеци да примаат паричен надоместок“, посочи Шкријељ.
Аплицирањето е веќе во тек. Сите оние кои имале прекин на работен однос во посочениот период треба да поднесат барање до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување. Рок за поднесување на барањата е 26 јуни. Досега во Агенцијата се пристигнати над 2.300 барања.
Дополнителната заменик министерка Шкријељ укажа дека Владата и Министерството за труд и социјална политика обезбедиле брз пристап до материјално обезбедување и за онаа група невработени кои претходно работеле со договор на определено време и кој по сила на закон истекол, а немаат потребен минимум од 9 месеци непрекинат стаж или 12 месеци стаж со прекин, за да остварат право на паричен надоместок.
„Затоа го релаксиравме и системот на социјална заштита. Сите семејства кои останале без приход, можат да влезат во системот на социјална заштита и да примаат гарантирана минимална помош. Тоа значи, ако претходно ги следевме приходите на едно домаќинство во последните три месеци за да видиме дали треба да влезат во системот, сега ги гледаме приходите само од претходниот месец. Затоа ги повикувам сите семејства коишто се нашле во ваква ситуација на ризик, да се обратат во центрите за социјална работа и да поднесат барање за гарантирана минимална помош. Со ова излегуваме во пресрет на оние што се најранливи во нашето општество“, апелираше Шкријељ.