22/11/2024
Македонија

Смртни закани против ЦИВИЛ, кампањата трае со години, институциите молчат

Утринава, на фиксната телефонска линија на ЦИВИЛ два пати се јави едно лице кое не сакаше да се претстави и кое упати смртни закани до организацијата, која веќе две децении ги промовира и брани човековите права и слободи, слободата на изразувањето, правото на глас, социјалните и работничките права.

Во своето анонимно јавување лицето што ја упати заканата, меѓу другото, рече: „Ќе видите вие кога јас ќе ви го уништам животот“. Идентификаторот на телефонскиот апарат на ЦИВИЛ го откри мобилниот телефонски број од кој се јави лицето што упати закани по животот на луѓето на ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ го пријави случајот со вандализирање во полициската станица 1 (Беко), а телефонските закани ги пријави на телефонскиот број 192, а поднесе и соодветна пријава во полициска станица во текот на денот.

Ова не е првпат ЦИВИЛ да биде мета на жестоки напади со говор на омразата, со лажни вести и со закани по животот.

Минатата недела, седиштето на ЦИВИЛ беше и вандализирано, паното на ЦИВИЛ беше турнато и врз него беше поставена лопата, а влезната врата беше оштетена.

По 27-априлските настани во Собранието во 2017 година, во седиштето на ЦИВИЛ имаше провална кражба кога беа украдени компјутери, опрема и електронска архива. Крадците веројатно не знаеле дека сензитивните податоци се на безбедно и никогаш нема да бидат откриени. Како и да е, иако од местото на настанот беа подигнати отпечатоци од прсти и други докази, случајот никогаш не беше решен.

На социјалните мрежи, но и на медиумите, функционери на политички партии, новинари, уредници, директори на јавни институции, па дури и еден генерал, сите блиски до структури со изразена десничарска идеологија, континуирано спроведуваат кампања со лажни вести и говор на омразата, а некои од нив повикуваат и на насилство и физичка елиминација на раководителот на ЦИВИЛ и на самата организација.

Институциите, како и организациите на граѓанското општество до сеа не покажаа интерес да ги опоменат, спречат или санкционираат овие напади кои траат подолго од една деценија.