22/11/2024
Македонија

Со фиктивни набавки на дивеч и на храна за дивеч „заработиле“ над 3.000.000 денари

Полициската станица Крива Паланка поднесе кривична пријава против М.Ѓ. (48) од Крива Паланка, технички секретар и ловочувар на ЗЛ „Осогов“ Крива Паланка, И.М.(42) од Крива Паланка, претседател на ЗЛ „Осогово“ Крива Паланка, З.В. (54) од Скопје, виш инспектор по ловство во Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Скопје и против Б.М. (56) од Кратово, инспектор за шумарство и ловство во Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Скопје, поради постоење основи на сомнение дека М.Ѓ. и И.М. сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и кривично дело „посебни случаи на фалсификување исправи“, а З.В. и Б.М. дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“.

Во периодот од 2011 година до 2017 година, М.Ѓ. и И.М. во повеќе наврати ја злоупотребиле својата службена положба и овластување на тој начин што постапиле спротивно на Законот за ловство, Договорот за концесија склучен со Владата на Република Македонија, како и спротивно на предвидените програми и годишните планови за спроведување на посебните ловостопански основи за ловиштата во Крива Паланка. По добивање на концесија за концесионери на правното лице ЗЛ „Осогово“, М.Ѓ. и И.М. како службени и одговорни лица во континуитет не ги  остварувале во целост обврските. Тие склучувале фиктивни договори за донација и спонзорства на храна, изготвувале фиктивни записници, при што секоја година предвидувале парични средства за набавка на дивеч и храна, за што добивале позитивно мислење од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Скопје, а до сега не набавиле дивеч за пари, односно само со донации и спонзорства. И.М. се потпишувал и претставувал на повеќе документи како Претседател на здружението, иако не бил регистриран во Централниот регистер на Република Македонија. З.В. и Б.М. несовесно постапувале во вршење на своите овластувања и должности со повреда на законските прописи со пропуштање на должен надзор. Тие, спротивно на Законот за ловство и другите законски прописи, изготвувале Записници за извршен инспекциски надзор во кои не ги наведувале, контролирале и санкционирале  неисполнетите законски обврски на концесионерот – ЗЛ „ОСОГОВО“ Крива Паланка, туку само наведувале документација која што им била приложена на лице место при контролата.

На тој начин му овозможиле на М.Ѓ. за себе да прибави противправна имотна корист од фиктивна набавка на дивеч и храна за дивечот во вкупен износ од околу 3.086.210 денари. (1.520.000 денари од ненабавени планирани 160 диви свињи за пет години, 820.000 денари за ненабавени планирани 82 срни за пет години и 746.210 денари за ненабавена храна за прихрана на дивечот).