22/11/2024
Македонија

Со концерт на Македонската филхармонија завршуваат Есенските музички свечености

„Поема екстаза“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи вечерва во 20 часот, како последен настан на манифестацијата „Есенски музички свечености“…

Солист е еден од најдобрите виолинисти од поновата генерација руски уметници, Никита Борисоглебски, кој ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар во d-moll оп. 47 од Јан Сибелиус. Овој единствен Концерт за виолина на Сибелиус зазема значајно место меѓу современите дела од оваа музичка форма и е еден од најизведуваните.

Диригент на концертот е холандско – јужноафриканскиот маестро Конрад ван Алфен, а оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе и атрактивните „Поема екстаза“ од Александар Скрјабин, како и тонската поема „Попладневна вештерка“ од Антонин Дворжак.