Со концерт на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ ќе се одбележи 59-от роденден на „Охридско лето“
Фестивалот „Охридско лето“ утре ќе одбележи 59 години од своето постоење. Директорката на фестивалот, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција посветена токму на роденденскиот концерт што ќе се одржи утревечер, истакна дека е огромна е честа да се биде дел од тимот што го подготвува и реализира годинешново фестивалско издание и потсети дека многу луѓе оставиле свој белег на фестивалската сцена и се заслужни за успесите на „Охридско лето“ низ годините назазад.
-Четврти август, денот кога започна „Охридско лето“ изминатите години стана симбол за неповторлив настан. Ден кога изразуваме огромна благодарност на првенката на македонската опера, Ана Липша Тофовиќ која во далечната 1961 година со првиот концерт во црквата Света Софија најави дека се раѓа Фестивал кој трае до ден денес.Секоја година, во традиционалниот термин 12 јули – 20 август, се случува магијата наречена „Охридско лето“. Повеќе од половина век оваа наша најголема музичко сценска манифестација зад себе испишува богата историја со славни имиња од светската музичка елита и врвните театарски креации. Секоја година 40- те фестивалски денови се празник на уметноста. Охридско лето носи околу 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… од сите земји во светот. Над 20 000 посетители, љубители на уметноста, од целиот свет доаѓаат да уживаат на врвните музички и театарски настани.. Тоа е доволен показател дека нудиме квалитет во градењето на успешните фестивалски изданија, рече директорката Поповиќ.
Селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Васо Ристов, истакна дека фестивалот претставува големо достоинство и исклучителчна културна придобивка за Охрид и Република Северна Македонија, и како што рече, со долгата традиција од 59 години, остварува универзална и благородна мисија на рамноправен натпревар на сите врвни уметнички вредности.
-Утре, 4 август, на роденденот на фестивалот, ќе имаме чест да ги слушнеме големите светски имиња, виртуози на гитара, Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ. До крајот на ова, 59-то фестивалско издание остануваат уште 14 фестивалски вечери во музичкиот дел. Како и лани, и оваа година, музичкиот дел на 19 август го затвораме со македонски автор, професорот Томислав Зографски, одбележувајќи 85 години од неговото раѓање на кој ќе настапат македонски докажани солисти, рече Ристов.
Врз досегашната драмска програма на годишеното фестивалчско издание, се осврна селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Александар Поповски кој нагласи дека фестивалот е од непроценливо богатство и заслужува да се грижиме за него повеќе и на посебен начин.
-Годинава донесовме специфични и посебни претстави со кои на некој начин сакавме да покажеме што е она што оваа година го карактеризира овој фестивал. Со голема радост го чекам затворањето и „Одисеј“ на Горан Стефановски зашто речиси беше невозможно на почетокот, таа посебна претстава на Горан да ја донесеме тука бидејќи сите нејзини чинители заминале на некои други острови, отпатувале на некои други мориња и ова беше како да собираш камчиња по брегот на еден цел океан. Задачата ни успеа и ќе ги собереме сите тие луѓе. Го прославуваме 59-от роденден и веднаш започнуваме со подготовки на 60-тото издание на фестивалот, рече селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Поповски.
Роденденот на „Охридско лето“ ќе биде одбележан со голем концерт на светските виртуози на гитара, Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ што ќе се одржи утревечер, на АНтичкиот театар, со почеток во 21 часот.
Според големиот виртуоз на гитара, Влатко Стефаноски, огромна е честа да се биде дел од одбележувањето 59 години од еден голем фестивал како што е „Охридско лето“ кој како што рече, може да биде ментор и учител на многу другио фестивали во регионот и во светот.
-Сум растел заедно со овој фестивал, сум бил многу често во Охрид кога се случувал фестивалот, сум доаѓал од Скопје за да го гледам Рави Шанкар пред 30 години, исклучително име од индиската музика. Исто така сум учествувал на фестивалот и знам колку е тешко да се организира еден ваков обемен фестивал со многу учесници и гости, сместувања, тонски проби, простори, озвучувања, публика, столчиња, дождови, ветрови, сонца.Тоа што настапувам во Охрид секогаш ми е, одново и одново , и предизвик, и задоволство, и привилегија. Верувам дека ќе има доволно апетит за овој наш концерт што го свириме со Мирослав Тадиќ. Оваа наша одисеја со Мирослав трае цели 22 години. Почна во Крушево 1997 година и трае до ден денес. Ние не свириме многу, но секој наш концерт е ексклузива.
Големиот гитарист Мирслав Тадиќ, на денешната прес-конференција изјави дека иако веќе четири децении живее во Соединетите Американски држави, сепак, неговата уметничка татаковина е токму Република Северна Македонија.
-Посебно ми е драго што сум повторно во Македонија. Роден сум во Југославија, заминав во САД пред 40 години и таму станав некаков Американец, но мојата уметничка татаковина е Македонија. Веќе 40 години откако заминав на студии во САД и станав професор таму, најмногу се занимавам со македонска музика. Таа, според мене е голем извор на инспирација, голем избор на интересен музички материјал и можам да се пофалам дека генерации студенти од целиот свет кои преку мене ја открија македонската музика со мене, многу добро владеат со комплексните македонски ритми, прекрасните мелодии и хармонии, рече Тадиќ.
Фестивалот „Охридско лето“ од 1994 година е редовен член на Европската асоцијација на фестивалите. Се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а под покровителство на претседателот на државата.