Со новиот Закон за прекинување на бременоста, волјата на жената ја ставивме на прво место
Во месец јуни 2019 година, стапи на сила новиот Закон за прекинување на бременоста, со којшто волјата на жената се стави на прво место. Одлуката за прекинување на бременоста е право на жената и тоа никој не може да и го одземе.
Со новиот закон, се укинаа постојните административни процедури-бариери, кои го одложуваа спроведувањето на постапката за прекин на бременоста.
За првпат, се воведе можноста за прекинување на бременоста до деветтaта гестациска недела со медикаментозен метод и во здравствена установа од примарна здравствена заштита (ПЗЗ).
Прекинување на бременоста се извршува до истекување на дванаесеттата гестациска недела со писмена согласност од бремената жена. Ако бремената жена е малолетна или и е одземена деловната способност, прекинувањето на бременоста се врши со писмена согласност од родителот, односно старателот на бремената жена.
Прекинот на бременоста може се врши по барање и со писмена согласност од бремената жена и по истекот на дванаесеттата гестациска недела, во случаи кога врз основа на медицински индикации ќе се утврди дека бременоста претставува опасност по животот или ќе доведе до тешко нарушување на здравјето на жената за време на бременоста, породувањето или по породувањето, врз основа на научни сознанија може да се очекува дека детето ќе се роди со тешки телесни или душевни недостатоци, до зачнувањето дошло во врска со извршување на кривично дело: силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата или родосквернавење и ќе се утврди дека во текот на бременоста или по породувањето би можела жената да дојде во тешки лични, семејни, материјални или други прилики што ќе имаат одраз врз нејзиното здравје.
Прекинувањето на бременоста од дванаесеттата до дваесет и втората гестациска недела од бременоста по писмено барање од бремената жена односно од родителот, односно старателот ако бремената жена е малолетна или е лишена од деловна способност може да се изврши при што пред прекинување на бременоста докторот може да побара мислење од друг доктор специјалист од соодветна гранка на медицината.
По дваесет и втората гестациска недела за прекинување на бременоста одлучува првостепена комисија за одобрување на прекинување на бременоста во здравствена установа составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство и еден социјален работник. Доколку жената не се согласува од одлуката на првостепената комисија има право на приговор до второстепената комисија составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство, доктор специјалист по детска хирургија, психолог и еден член со најмалку пет години работно искуство во областа на родовата еднаквост.