Со „Охридска визита“ заврши проектот „Симфонија“ во реализација на Црвен крст Охрид
Денес, во прекрасна „симфонија“ 35 млади од осмите одделенија од основните училишта „Св.Климент Охридски“, „Григор Прличев“, „Братство Единство“, „Христо Узунов“ и „Кочо Рацин“ од Охрид го изведоа перформансот „Охридска визита“ со што ставија печат на проектот „Симфонија“, кој изминатите 2 месеци го спроведуваше Црвен крст Охрид со поддршка од Европската Унија, Локална агенција за развој и ЗГ Креативни и Активни од Струга.
Во преполнетата концертна сала на ОУ „Св,Климент Охридски“ Охрид, младите предводени од 5 тренери-едукатори на многу креативен и духовит начин ја прикажаа традиционалноста на подготовка на охридска визита, на која се среќаваат локалните автори Григор Прличев, Живко Чинго, Есад Бајрам, Фатмире Љумани кои твореле на овие простори на мајчин: македонски, турски и албански јазик. Беше промовиран и електронскиот готвач составен од 15 традиционални јадења од македонската, албанската и турската кујна, преведен на сите три јазици. Свој белег на „охридската визита“ оставија и родителите на младите учесници преку подготовка на вкусни традиционални специјалитети од храна во кои сите можеа да уживаат.
Главната порака од оваа „симфонија на млади“ беше препознавање и почитување на различностите со истакнување на соработката и комуникацијата помеѓу младите.
Црвен крст Охрид упатува благодарност до сите оние кои ја поддржаа и помогнаа реализацијата на проектот „Симфонија“.