Со „Ослободување на просторот“ Македонија оди на Венециското биенале на архитектура
Република Македонија со проектот „Ослободување на просторот“ (Freeingspace) ќе се претстави на 16. Меѓународна архитектонска изложба-la Biennale di Venezia 2018, која ќе почне на 26 мај и ќе трае до крајот на ноември годинава …
Претставувањето на Македонија на Венециското биенале е со поддршка на Министерството за култура, Музејот на современа уметност, Град Скопје и општина Центар.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски на денешната прес-конференција рече дека годинава македонското претставување е уникатно од повеќе аспекти.
„За разлика од вообичаеното претставување на веќе изработени дела и проекти, ова претставување е посебен проект кој својата промоција ќе ја види токму на Венециското биенале на архитектура. Важно е што се работи и за проект кој вклучува многу наши, но и странски перспективни и наградувани автори“, соопшти Алаѓозовски.
Министерот за култура изрази задоволство од тоа што авторите се согласиле за Венециското биенале да подготват проект кој, како што рече, ќе направи една архитектонска дисекција на таканаречениот проект „Скопје 2014“, која отвора можност за нови согледувања за начините со кои ќе можеме да се справиме со ова наследство кое де факто ќе остави белези на архитектурата на главниот град.
Според него, овој проект не е само патување низ историјата на современата македонска архитектура преку неколку објекти од „Скопје 2014“.
Комесар на изложбата е Зоран Петовски, а автори на пректот се: Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Џуса, Алесандро Де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски, Александра Шулевска, Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.
Кураторите на годинашново македонско претставување во Венеција се Марија Мано Велевска и Слободан Велевски го претставија проектот и појдовната идеја-современо читање на градскиот простор, односно потенцирање на вредноста на јавниот споделен простор. Велевски рече дека проектот локациски се врзува за Скопје и се испитува наследството кое зад себе го остави проектот „Скопје 2014“.
„Содржината на проектот „Ослободување на просторот“ како куратори ја поставивме врз три клучни тези. Првата е‘Скопје 2014’ не е архитектонски проект бидејќи во себе ја нема логиката која ја има архитектонската професија-да создава јасна просторна и програмска композиција. Втора теза е дека неговата единствена вредност е дека тој постои и како таков во просторна смисла физички влијае на контекстот на градот во моментот. Трето, ние сметаме дека современиот градски простор се темели пред се на важноста на заедничкиот јавен простор во кој се споделува граѓанската различност или различните потреби на луѓето кои живеат заедно“, рече Велевски.
Во проектот се избрани четири парадигматични простори: платото на МОБ и кејот на реката Вардар, објектот на Владата, Поштата со телекомуникацискиот центар и објектот на МЕПСО и стоковната куќа „НАМА“, која излегува на плошатдот „Македонија“, дело на архитектот Славко Брезоски.
Од МСУ најавија дека овој проект пред македонската публика ќе биде претставен на почетокот на следната година.