Со полна пареа се подготвува проектот NUMB – Tribute to Pink Floyd
На 20-тина дена до концертот, членовите на проектот NUMB – Tribute to Pink Floyd со полна пареа се подготвуваат за настапот.
„Се подготвуваме максимално за концертот кој ќе се одржи на 26-ти јули. Сите 16. песни кои ќе се изведат на концертот мора да звучат фантастично и затоа одржуваме редовни проби во полн состав. Ве очекуваме сите на „Долни сарај“ да уживаме заедно во неповторливите звуци на култните Pink Floyd, затоа што во Охрид секогаш се слушала најдобрата музика,“ – информираат организаторите.
Зад проектот стои екипа од 11 музичари од Охрид и Струга кои се веќе добро познати во јавноста. Димитри Алчев (гитара и вокал), Анатоли Арнаудоски (гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владимир Кречоски (бас гитара), Никола Јосифоски (синтисајзери), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон), Ѓоко Танески (вокал) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ Павловска како пратечки вокали.
Ќе се изведат некои од највредните дела на култните Pink Floyd. Тука се „Shine on your crazy diamond“, „Learning to fly“, „Hey you“, „Another brick in the wall“ и уште 12 безвременски хитови, кои го одбележаа музичкиот карактер и насока на една цела генерација.