Со претставата “Госпоѓа Министерка”, Народниот Театар од Охрид ќе го прослави 13-тиот роденден
Во понеделник, 3-ти јуни, со претставата “Госпоѓа Министерка”, Народниот театар од Охрид ќе го прослави својот тринаесетти роденден. Текстот на познатиот комедиограф и сатиричар Бранислав Нушиќ го постави и режираше Благој Мицевски, а улогата на Министерката Живка ја интерпретира Биљана Билаловиќ Вељаноска. Покрај неа во претставата играат и актерите: Горан Стојаноски, Павел Маслов, Никола Тодороски, Ивица Цонев и Филип Кипровски.
Претставата започнува во 20:00 часот, а билети по цена од 250 денари можат да се набават на билетарата при Центарот за култура “Григор Прличев” – Охрид.
“Привилегиите од издигнувањето до високите политички кругови, некогаш може да се излизгаат толку бргу, небаре се една театарска претстава, а не стварност. Но и тоа е сосема доволно, за да се почуствува слатко-киселиот вкус на отменоста. А госпоѓа Живана, нема време за чекање. Одбројуваме: 10, 9,8,7…”
WebOhrid / 01.06.2024 / Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид