Собранието го изгласа пакетот на закони за социјалната реформа
Пратениците во Собранието денеска ја изгласа социјалната реформа. Првите исплати на зголемената парична помош за 300% се очекуваат од идниот месец. Со трите пакет закони за социјална и детска заштита и социјална сигурност на стари лица правиме целосна преобразба на досегашниот систем за социјална заштита и воведуваме социјална правда којашто е основата на секое здраво и напредно општество.
„Ова е голем ден за нашата држава за сите наши граѓани и граѓанки. Собранието ги изгласа пакетот на закони за социјалната реформа, со оваа реформа поставуваме нов стандард во социјалната заштита. Директно работиме на намалување на детската сиромаштија ги унапредуваме правата на лицата со попреченост и за првпат воведуваме закон за социјална сигурност на старите лица. Целата реформа ја работевме во широка консултација со сите засегнати страни и тоа ни дава за право да веруваме дека истата таа ќе ги постигне и своите резултати. Не само што воведуваме минимален адекватен приход или повеќе финансиски средства кај најсиромашните туку воведуваме и услуги кои што директно овие лица ќе ги носат до вработување, а децата до предучилишно образование во целиот образовен систем. Со ова овозможуваме секој да ги постигне своите потенцијали во општеството, затоа што веруваме во инклузивно општество, еднакво општество, општество кое што дава шанса и се грижи за секој поединец. Ова е важно за мене како министерка многу, но исто така е важно за Владата и е важно за целото општество. Работиме директно на намалување на сиромаштијата на нашата држава и вложуваме во идните генерации. Се грижиме на секое дете му се даде еднаква шанса да може да го постигне својот вистински потенцијал во текот на животот “, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Со социјалната реформа пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати повеќе деца. Конкретно, детскиот додаток место досегашните 3.200 деца ќе го користат 73.500 деца, а образовниот наместо 3.800 деца, 64.316 деца. Воведуваме и социјална сигурност за стари лица кои останале без старосна пензија и немаат други извори за егзистенција.
Со реформата воведуваме блиска работа на социјалните тимови со секој поединец и семејство се до конечно извлекување од социјален ризик, односно до нивно вработување.
Со Законот за социјална заштита се унапредуваат правата и овозможуваме подобри услови за лицата со попреченост. Воведуваме две целосно услуги за лицата со попреченост – Лична асистенција и услугата Домашна нега. Дополнително, правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува и изнесува до 50% од просечна нето плата. За дополнително да го олесниме животот на биoлошките семејства на лицата со попреченост, го зголемуваме износот на правото на посебен додаток за 15%. Се развива и услугата за домашна семејна грижа која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на другите членови на семејството.