Собраниска расправа за доверба на Владата на РМ
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, користејќи го своето право на реплика на говорите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Собранието на РМ посветена на прашањето за доверба на владата, го поздрави враќањето на опозицијата во Собранието.
„Од интерес на граѓаните и власта, со опозиција во парламентот можеме да имаме подобра власт” рече премиерот Заев од собраниската говорница.
Тој нагласи и дека единствените реформи кои се остваруваат со побавно темпо се оние на кои влијаат затекнатите долгови во висина од неколку стотици милиони евра направени од претходната гарнитура, потенцирајќи дека владата нема да си дозволи нови скапи кредити за да враќа долгови.
„Не можевме да предвидиме колку е финансиски урнисана државата“, истакна премиерот Заев.
Во своето обраќање пред пратениците, Заменик претседателката во Владата на РМ и Министерка за одбрана Радмила Шекеринска, во врска со наследените долгови, потенцираше дека само за камати за направените долгови, актуелната влада наследила долг од 133 милиони евра, а само за преостанати долгови за проектот „Скопје 2014“ се наследени 16 милијарди денари.
Заменик претседателот во Владата на РМ задолжен за економските ресори д-р Кочо Анѓушев им обрна внимание на пратениците дека и покрај овие и другите стотици милионски долгови, Владата на РМ одлучи да ги одржи во функција поголемите индустриски комплекси и да им ги сочува работните места на вработените во „Фени“ и „Југохром“.
Заменик претседателот во Владата на РМ Анѓушев нагласи дека „Фени“ е единствениот успешно реализиран стечај, кој со поддршка на владата ги реши долговите на компанијата, ги врати луѓето на работа, отпочна да работи со полн капацитет и им дели редовни плати на вработените.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски пак, реплицирајќи на забелешките на опозициските пратеници направи споредба со фактите во извештајот на Европската Комисија за 2016 и новиот извештај од Фридом Хаус, во кој се вели дека за разлика од 2016 година, и за прв пат по 2010 година, Република Македонија е земја со демократски промени кои најмногу ветуваат за демократски пробив во Европа.
Министерот Манчевски побара од опозицијата да понуди аргументи и докази за еден, единствен пример на човек вработен на неопределено работно време во администрација кој што го изгубил работното место како постапка на актуелниот владин состав и истакна дека таков случај не постои.
Тој напомена дека Владата направила промени само во политички именуваните функционери, со луѓе кои по закон и процедура ги пополниле овие позиции, со соодветни квалификации согласно критериумите за именувања на владини функкционери.