30/11/2024
Охрид

Сонати за виолина и пијано на „Охридско лето“

Во рамките на музчката програма на Фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот концерт ќе одржат германскиот виолинист Руденс Турку и германско- украинската пијанистка Милана Чернјавска.

Германско-украинското дуо ќе изведе сонати за виолина и пијано од Лудвиг ван Бетовен, Едвард Григ и Антонин Дворжак.

Виолинистот Рубенс Турку своето деби го доживува во Америка, по што неговата концертна дејност зема замав и тој се појавува во најголемите концертни сали во светот и на најпрестижните музички фестивали во Германија. На овие настапи Турку се прославува како солист и камерен музичар заедно со изведувачите: Јулија Фишер, Албан Герхард, Ана Чумаченко, Милана Чернјавска, и голем број значајни музички ансамбли и оркестри. Неговата дискографија опфаќа неколку компакт-дискови одлично прифатени од слушателите и стручната јавност. Успешен е и на полето на образовната дејност. Имено, Турку е професор на Државниот конзерваториум во Форарлберг, Австрија, на Академијата Пероси во Биела, Италија, а редовно одржува и мајсторски курсеви во повеќе земји во светот.

Германската пијанистка со украинско потекло, Милана Чернјавска, се смета за една од водечките пијанистки на денешницата. Постојано е присутна на светската сцена, на интернационалните фестивали во речиси сите големи музички центри. Нејзините артистички достигнувања се наградени со бројни национални и интернационални награди. Покрај солистичката дејност, Чернјавска е позната и како камерен изведувач. Во нејзината дискографија се сретнуваат повеќе десетици компакт-дискови, направени во соработка со познати издавачки куќи. За нив Чернјавска има добиено повеќе награди. Често одржува и мајсторски курсеви, а може да се сретне и како член на жирито на повеќе престижни пијано натпревари.