26/11/2024
Охрид

Соопштени деталите за ЕКО акцијата „Мој Охрид, чист Охрид“

Остануваат уште 11 дена до големата Еко-акција „Мој Охрид, чист Охрид“, за чистење на крајбрежјето на градот во пресрет на туристичката сезона. Акцијата која ќе се одржи на 9-ти јуни (сабота), со почеток во 10 часот е во организација на Супер радио со поддршка на бизнис секторот, охридските медиуми и спортските друштва, целата јавност од Охрид.

„Основната идеја е да се подели крајбрежјето од потегот Воска, па се до Десарет, Пештани, па според тоа го имаме поделено на осум зони кои ќе бидат полесни за чистење, во пресрет на туристичката сезона градот да блесне во целата негова убавина, да го исчистиме цело она ѓубре кое што се насобрало, кое го има по плажите, за да бидеме подготвени сите заедно гостите кои се надеваме дека и оваа туристичка сезона ќе ги има во голем број. Ги повикуваме сите, буквално сите кои се во можност, учениците, спортските друштва, еко друштвата, било која формална или неформална група на граѓани да ни се придружи. Оние кои се пријавени веќе ги имаме поделени во зоните, а останатите не мора ниту да се пријавуваат, туку можат самоиницијативно да дојдат во зоната која што е најблиску до нив. Да помогнеме сите заедно да исчистиме и Охрид да биде уште поубав.“ – изјави Сашо Митаноски.

Како дел од оваа акција и „Зш авантура“ Здружението за планинарење, велосипедизам и еко-култура, ќе даде свој придонес за поубав и почист Охрид.

„Со овие акции ќе ги мотивираме и постарите и помладите граѓани, учениците, уште од најмали нозе да ја одржуваат чиста нашата средина. Покрај оваа голема акција, „Зш авантура“ продолжува со еден голем еко-проект кој трае во следните 5-6 месеци за чистење на планините „Еко Галичица 2018“ со цел да привлечеме што повеќе наши домашни и странски туристи, пошто сите знаеме дека е во подем авантуристичкиот туризам, не е само езерото. Апел до сите граѓани, без разлика на возраста, на 9 јуни да дадат свој допринос.“ – изјави Жанко Зш Голабоски.

„Сите си го сакаме градов наш прекрасен што ни го дал Господ, ги сликаме сите убавини. Да покажеме на дело кој колку може, да го исчистиме градов, затоа што ние тоа го заслужуваме. Апелирам до сите граѓани кои го сакаат овој град, да излеземе на 9 јуни, дури и не мора сите да дојдат на овие локации, секој може да излезе да го исчисти сокачето, уличката, околу зграда, влезовите, значи се што е можно да се исчисти. Да излеземе и да докажеме дека имаме сенс за се што е убаво, да го исчистиме градов и да уживаме во неговата убавина.“ – изјави Мери Нанче.

Инаку, за сите учесници во акцијата се обезбедени вреќи, вода и ракавици, а посебни екипи на охридскиот Црвен крст со медицински ранци ќе се при рака при евентуални поситни повреди. Исто така е обезбеден превоз до подалечните плажи. На крајот на акцијата, вработените во ЈП „Охридски Комуналец“ ќе го соберат ѓубрето и ќе го однесат на соодветна локација.

WebOhrid