Сопругата и ќерката на покојниот Гоце Жура подарија примероци од неговите последни книги
Денеска – Ден пред големиот христијански празник посветен на „св. Климент Охридски и св.вмч. Пантелејмон“ сопругата и ќерката на покојниот историчар на уметност и археолог Гоце Жура на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и подарија примероци од неговата последна книга „Охрид – град на светоста“ и од книгата „Времеплов на научните истражувања на мојот татко“ од Гордана Жура, промовирана во август минатата година.
-За мене како ќерка е многу важно што библиотеката доби два примероци од неговата последна книга „Охрид – град на светоста“, издадена во декември 2018 година, која се состои од само 100 ексклузивни примероци. Оваа книга, самостојно издание на Жура, е круна на неговото макотрпно децениско истражување во Охрид, и е се’ она за коешто тој се бореше: афирмација на нашето културно наследство. Делото детално мапира и опишува седум енории со вкупно 20 ранохристијански базилики и преку 40 средновековни цркви лоцирани во стариот дел на градот – Варош. Изработената мапа, која читателот ќе ја најде на крајот од книгата, е нешто на што Жура неуморно работеше низ годините и на која многу се гордееше, бидејќи таа ни доловува колку навистина е посебен и свет градот Охрид. Воедно, таа претставува и поттик за новите генерации истражувачи да продолжат со лоцирањето на храмовите кои се’ уште не се откриени, рече Гордана Жура на средбата со директорката на библиотеката Гордана Змејковска.
Втората книга, авторство на Гордана Жура, всушност е збирка од разговори, прилози и бројни новинарски написи објавени во медиумите за историските откритија на кои работеше Гоце Жура со голема посветеност во текот на целата своја кариера. Книгата сведочи за неговата отвореност за соработка со медиумите, како и бескрајната желба преку нив да ги доближи неговите откритија до пошироката јавност и да предизвика интерес кој не е ограничен само во научната фела. На ист начин секогаш ги споделуваше и своите ставови во врска со одредени теми од неговото научно поле, сакајќи да оживее поширока дебата.
И датумот за подарувањето на книгата во НУ Библиотека во Охрид не е случајно одбран, ден спроти 9 -ти август кога се празнува споменот на големиот македонски и сесловенски просветител свети Климент Охридски, кој е упокоен на овој ден во 916 година, а светата црква го празнува и споменот на големиот исцелител и великомаченик свети Пантелејмон. А Плаошник, светилник на христијанството, местото каде што св. Климент Охридски го изградил манастирот посветен на св. Пантелејмон, и каде се упокоил, беше место за вечната инспирација на Жура. Тука, меѓу другото, се роди идејата за неговите истражувања за христијанските храмови и базилики, рече неговата ќерка Гордана Жура.
Гордана Жура со јавноста го сподели и податокот дека од неодамна и официјално е наследник на авторските права на сите издадени книги и записи од нејзиниот татко.