22/11/2024
Македонија

Соработката и интеграцијата на земјите од Западен Балкан за пристап до единствениот дигитален пазар на Европската Унија

Во рамки на агендата на првиот ден на „Дигиталниот самит за Западен Балкан“ беше организиран работен ручек на кој присуствуваа Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, Претседавачот на Министерскиот Совет на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, премиерот на Република Косово Рамуш Харадинај, Заменик претседателката во Владата на Република Албанија Сенида Меси, министрите од владите на земјите на Западен Балкан, Еврокомесарите за соседска политика и проширување и за дигитална економија и општество, Јоханес Хан и Марија Габриел, државниот секретар во министерството за економија и енергетика во Владата на Сојузна Република Германија Томас Берејс, претставници на Европската инвестициона банка, и претставници на Советот за регионална соработка на земјите од Западен Балкан.

На работниот ручек централна тема беше важноста од интеграцијата на земјите од Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на Европската Унија.

За време на разговорот на работниот ручек, премиерот Заев ја истакна важната улога на „Дигиталниот самит за Западен Балкан“, и на презентираната студија „Влијанието на дигитализацијата на просперитет на Западен Балкан“, како значајни импулси за земјите од регионот за да ја продлабочат соработката и поинтензивно да работат на дигитална трансформација којашто ќе придонесе кон раст на БДП, пораст на инвестициите во регионот, развој на старт-апи и отворање на нови работни места.

На средбата се разговараше и за иницијативата за институционализација на Платформата за бизнис пријателска средина (Business Friendly Environmet,BFE) како мултилатерална организација којашто ќе биде поддржана од владите во регионот.