25/11/2024
Македонија

Состанок на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа и министерскиот состанок – во рамки на Брдо процесот

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера и денеска учествува на 18-тиот состанок на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа и Министерскиот состанок, во рамки на Брдо процесот во Брдо, Крањ-Словенија  .

Во своето обраќање на 18-тиот состанок на Комитетот на Министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа, министерот Спасовски потенцираше дека потпишувањето на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа и нејзиното успешно спроведување во изминатите години ја направи еден од најзначајните и водечки инструменти за полициска соработка во регионот на Југоисточна Европа.

Она што оваа Конвенција ја прави посебна и универзална алатка за ефикасно полициско работење е тоа што нуди бројни можности за примена на најразлични и современи методи и техники преку кои се одразува полициската работа и се прикажуваат најдобрите пракси на полициите на нејзините Договорни страни. Преку успешна и доследна примена на споменатите методи и техники во секојдневното полициско работење, заеднички придонесуваме кон зајакнување на стабилноста и безбедноста, справување и спречување на заканите по јавниот мир и безбедност и кон успешна борба против криминалните појави во регионот и пошироко. Сведоци сме на растечките трендови на глобализацијата и напредок во технологијата, со што комуникацијата помеѓу поединците станува се полесна, аразмената на информации помеѓу луѓето – се побрза и понепосредна.  Ваквиот тек на експанзија на технологијата од една страна ни нуди големи придобивки за нас како луѓе, ни го олеснува начинот на живеење, движење и функционирање. Од друга страна пак, за жал, истата таа технологија станува се покорисна и поупотребувана од страна на криминалците кои ја користат за вршење нелегални активности и остварување нелегален профит“- рече Спасовски.

Само преку заеднички пристап со користење на сите можни форми на размена може да бидеме во чекор со предизвиците кои претставуваат закана за граѓаните на Македонија и граѓаните на останатите земји од Југоисточна Европа каде често живеат и престојуваат и наши државјани- рече Спасовски.  

Во обраќањето  пак на Министерскиот состанок во рамки на  Брдо процесот на тема Трговија со луѓе, министерот Спасовски истакна дека Република Македонија успешно ја воспостави Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе .

„Република Македонија и Министерството за внатрешни работи беа исклучително активни изминатиот период во борбата против трговијата со луѓе преку различни форми на билатерална соработка. Така, покрај формирањето на Националната единица за криумчарење мигранти и трговија со луѓе, се посветивме на градење мостови со нашите партнери од регионот во борбата против трговијата со луѓе“ рече министерот Спасовски.

На маргините од Министерскиот состанок во Брдо, Крањ,  Државниот секретар на Република Македонија г-ѓа. Магдалена Несторовска како Национален координатор за борба против трговија со луѓе и илегална миграција и Заменик министерот за внатрешни работи г. Милан Радојевиќ , како Национален координатор на Националното тело за борба против трговија со луѓе на Република Косово, потпишаа меѓувладин Протокол за соработка во борбата против трговија со луѓе, а наскоро ваков документ  ќе биде потпишан и со  Владата на Црна Гора.